Како една од првите држави, поточно втора, која правно ги уреди истополовите бракови во 2003 година, Белгија и две децении подоцна ја потврдува својата посветеност на еднаквоста и човековите права. Белгиската влада одлучи да ја прослави 20-годишнината од брачната еднаквост со меѓународна кампања која ги промовира белгиските и европските вредности.
Конкретно, станува збор за песната „The Right Words“ на белгиската уметница Alice on the Roof. Таа била инспирирана од љубовната приказна на нејзини две пријателки, а со својата песна кон светот испраќа порака за љубов, поддршка, разбирање, прифаќање и солидарност, пренесува интернет-порталот CroL. „Моите стихови ги отелотворуваат нивните длабоки размисли“, изјавила Алис, „и на прашањата како ‘Ми се допаѓа ли оваа девојка? Дали тоа значи дека ми се допаѓаат девојки? Имам ли право да ги прифатам своите чувства и да кажам ‘Те посакувам; Те сакам?’, во Белгија одговорот е убедливо ‘ДА’.“.
Koja e Alice on the Roof?
Алис Дутоа (ориг. Alice Dutoit) е талентирана белгиска уметница чиј псевдоним е игра на зборови од нејзиното презиме кое на француски се преведува „од покривот“ (from the roof). Родена е 1995 година и низ нејзиното повеќегодишно творештво ги истражува темите на самоспознавање, интроспекција и сложеноста на човечките емоции, а сето тоа на многу креативен и автентичен начин и со елементи на поп, фолк и електронска музика.
Учествуваше на белгискиот „The Voice“ во кој стигна до полуфиналето, по што го објави својот прв сингл „Easy Come Easy Go“ кој стана прилично популарен во Белгија. Покрај тоа, Алис е гласна застапничка на правата на ЛГБТИ+ луѓето и токму затоа таа е вокалната претставничка на прославата на 20-годишнината од воведувањето на брачната еднаквост во Белгија.
Белгија, лоцирана во срцето на Европа, каде отвореноста кон различностите е практично запишана во генетскиот код на нацијата, отсекогаш била пионер во граѓанските права. На 20 јануари 2003 година, белгискиот парламент со огромно мнозинство на гласови го изгласа законот кој во тоа време ги трансформираше животите на многу истополови парови.
34 земји во светот ги имаат легализирано истополовите бракови
Институцијата брак остана непроменета, но е проширена на паровите што дотогаш не можеа, на пример, да го остварат правото на посвојување деца и останатите права кои порано беа резервирани само за хетеросексуалните парови. Високоразвиена, повеќејазична и амбициозна, Белгија стана пример на другите земји инспирирајќи ги на патот кон поправедно и поинклузивно општество кое ја слави љубовта во сите свои форми.
До денес, 34 земји во светот ги имаат легализирано истополовите бракови. Европа е предводничка на прогресивното движење во човековите права – дури 33 европски земји ги препознаваат истополовите заедници преку бракови, партнерства или нешто трето.
Холандија прва го направи тоа во далечната 2001 година, а веднаш после неа и Белгија. Во следните години се приклучија многу големи европски земји, но патот до законското признавање на истополовите бракови знаеше да биде, и сѐ уште е, прилично трнлив.
Во Северна Македонија истополовите заедници не се правно признаени и не уживаат никакви права. Во Законот за семејството, бракот е дефиниран како „заедница на живот на маж и жена“, а исто така и вонбрачната заедница. Според виножитната мапа на ИЛГА-Европа, нашата држава има остварено само 29% од потребните реформи за постигнување на целосна рамноправност на ЛГБТИ луѓето и се наоѓа на 32-рата позиција на ранг-листата од 49 европски земји. Семејството е една од областите во кои стоиме најлошо визави напредок. Од друга страна ја имаме Белгија која официјално, од највисоката законодавна инстанца, со песна ја слави правната еднаквост и општествената различност. Од срцето на Европа пристигнуваат промени, прифаќање и, конечно, триумф на љубовта и правдата.