Долгогодишниот министер за надворешни работи на Латвија, Едгарс Ринкевичс е првиот геј претседател на земја-членка на Европската унија. Ринкевичс, кој беше на функцијата министер за надворешни работи од 2011 година, положи заклетва како претседател на Латвија на 8 јули во Рига. Иако позицијата претседател во Латвија е главно церемонијална, тој може да стави вето на закони и да распише референдум за некое прашање.
Во владите на земјите на ЕУ и досега имаше хомосексуалци на високи позиции, како што е актуелниот луксембуршки премиер Гзавие Бетел, но никогаш немаше геј претседател. Поранешниот белгиски премиер Елио ди Рупо беше првиот геј премиер во ЕУ.
Ринкевичс јавно објави дека е геј во 2014-та и оттогаш е гласен поборник за ЛГБТИ правата.
Истополовите бракови не се озаконети во Латвија, иако уставниот суд на земјата минатата година ги призна истополовите заедници. Според виножитните мапа и индекс на ИЛГА-Европа, Латвија е на 37-мото место на ранг-листата на европски земји со остварено само 22% од потребните реформи за постигнување на целосна рамноправност на ЛГБТИ луѓето и котира полошо од Северна Македонија (29%) која годинава се најде на 32-рото место.

Во мај, латвијскиот парламент во третиот круг на гласање го избра Ринкевичс за следен претседател на земјата. Во инаугурацискиот говор, тој ја нарече нееднаквоста „значаен проблем“ и истакна дека „социјалната поделеност во нашето општество е преголема“.
„За време на моето претседателство, ќе се залагам за создавање на модерна и силна Латвија, за правна и правична Латвија, за благосостојбата на луѓето, за инклузивно општество полно со почит. И можно е да го постигнеме тоа работејќи заедно“, рече латвијскиот претседател.
Латвија е една од трите балтички држави, вклучувајќи ги Литванија и Естонија, кои се приклучија на ЕУ во 2004-та по распадот на Советскиот сојуз почетокот на 1990-тите.