Месецот јуни е познат како Месецот на гордоста, време кога ЛГБТИ заедницата и нејзините сојузници се собираат за да ги прослават диверзитетот, еднаквоста и тековната борба за правата на лезбијките, геј-мажите, бисексуалните, трансродовите и квир луѓе. Иако месецов е исполнет со радост и гордост за многумина, важно е да се биде свесен дека за други заедници во светот тој исто така може да биде време за размислување и освестување.
Потекло и значење на Месецот на гордоста
Месецот на гордоста има корени во Стоунволскиот бунт, серија демонстрации што се одржале во јуни 1969 година во градот Њујорк. Во тоа време, ЛГБТИ луѓето се соочувале со распространета дискриминација и биле често подложени на полициски рации и апсења во геј баровите. Бунтот претставува пресвртница во движењето за правата на ЛГБТИ луѓето, бидејќи поттикна бран на активизам и го трасираше патот за идно застапување.
Месецот на гордоста служи како комеморација на Стоунволскиот бунт и оддавање почит на борбата за ЛГБТИ права. Во него се слават достигнувањата и придонесите на ЛГБТИ луѓето, се подига свесноста за нивните права и се промовира прифаќање и инклузивност.
Месецот на гордоста во Северна Македонија: Време за рефлексија
Иако Месецот на гордоста е време на славење и зајакнување за глобалната ЛГБТИ заедница, од суштинско значење е да се препознаат уникатните предизвици со кои се соочуваат различни региони и заедници. Во случајот на Северна Македонија, ситуацијата ја нагласува потребата за напредок и натамошни напори за заштита на правата на ЛГБТИ луѓето.
Според виножитната мапа и индекс објавени од ИЛГА-Европа во мај 2023 година, во кои се рангираат правната и политичката ситуација со ЛГБТИ луѓето во 49 европски земји, Северна Македонија за изминатата година забележа назадување, паѓајќи од 31-то на 32-то место. Овој пад укажува на тоа дека напредокот на земјата во однос на ЛГБТИ правата стагнира.
И покрај сѐ поголемата поларизација и насилство во јавниот дискурс против трансродовите луѓе, што е случај и кај нас, политичката решителност за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето се покажа како исплатлива во некои земји. Имено, најголемо искачување на виножитната мапа бележат земји што воведоа правно признавање на родот користејќи го моделот на самоопределување и забрана за генитално сакатење на интерполовите луѓе. Унапредувањето на легислативата со вклучување на родовиот идентитет и половите карактеристики во законите против дискриминација и/или злосторства од омраза исто така влијаеше во поместувањето на одредени држави нагоре на ранг-листата.
Кај нас неколку години по ред нема напредок во позицијата и пристапот до човековите права на ЛГБТИ луѓето. Нашата држава има остварено само 29% од потребните реформи за постигнување на целосна рамноправност на ЛГБТИ луѓето, а од државите во регионот полошо од нас е рангирана единствено Бугарија со 20%. Србија, Косово и Албанија имаат по 35%, БиХ 40%, Словенија 46%, Хрватска 49%, Грција 57%, додека Црна Гора е пред останатите држави на Балканот со 61%. Најлошо котираат Романија со 18% и Турција со 4%.
Најмногу напредок имаме остварено во просторот на граѓанското општество (100%), 45% во однос на еднаквост и недискриминација, 33% во поглед на азил, 26% во областа злосторства од омраза и говор на омраза, а најлошо стоиме по прашањата на правното признавање на родот (6%), семејството (4%) и телесниот интегритет на интерполовите лица (0%).
Статистиките од виножитната мапа – повик за будење
Прегледот на статистиките од виножитната мапа треба да послужи како повик за будење за Северна Македонија да го преиспита својот пристап кон правата на ЛГБТИ луѓето и да ги приоретизира неопходните реформи. Според заедничкиот извештај на ИЛГА-Европа и ЕРА објавен во април 2023 година, некои од главните приоритети што се посочени за Северна Македонија се: Владата повторно да ги воведе во собраниска процедура предлог-измените на Законот за матичната евиденција, со цел на трансродовите лица да им се овозможи правно признавање на родот врз основа на самоопределување; усвојување на Националниот акциски план за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата; Владата треба да воведе дефиниција за говор на омраза во Кривичниот законик што експлицитно ги вклучува сите видови говор на омраза мотивирани од пристрасност врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет, родово изразување и полови карактеристики; со цел правилно да биде имплементиран Законот за спречување и заштита од дискриминација, голем број закони сè уште треба да бидат усогласени; од исклучителна важност е да се врати буџетот за Националната програма за заштита на населението од ХИВ/СИДА како што беше првично планирано. Но, со оглед на актуелната клима и динамика се чини дека ЛГБТИ темите не се воопшто во фокусот и приоритетите на оваа влада на чело со премиерот Димитар Ковачевски, која во моментов е преокупирана со предизборни активности и пи-ар кампања во пресрет на парламентарни избори кои треба да се случат во 2024 година.
И додека Месецот на гордоста продолжува, од огромна важност е да се запамети дека иако се остварува напредок во многу делови од светот, сѐ уште постојат предизвици и нерамноправности што треба да се решат. Позиционирањето на Северна Македонија на виножитната мапа служи како потсетник дека уште треба да се работи за да се обезбеди целосна еднаквост и заштита на правата на ЛГБТИ луѓето. Време е Северна Македонија да размисли за својата моментална позиција, да ги слушне гласовите на ЛГБТИ заедницата и да направи сериозни чекори кон донесување на неопходните реформи. Со прифаќање на инклузивноста, негување на диверзитетот и залагање за еднакви права, Северна Македонија може да креира општество каде сите луѓе ќе можат да живеат достоинствено и без страв од дискриминација. Месецот на гордоста служи како потсетник за тековната борба за правата на ЛГБТИ луѓето и е можност за заедниците да се обединат, да ги слават различностите и да се солидаризираат со оние што продолжуваат да се борат за рамноправност ширум светот.