Премини на содржината

Краток осврт на ЛГБТИ ЈУНАЈТЕД: Единаесет години истрајност и посветеност на каузата за еднаквост

Основано на 16 мај 2012 година во Тетово, од страна на пет ЛГБТИ лица од различни етникуми, здружението „ЛГБТИ Јунајтед“ годинава одбележува 11 години од своето постоење. Иако почетокот беше исполнет со многу предизвици, проблеми и притисоци, сепак основачите на организацијата беа посветени на каузата и решени да донесат позитивна промена за ЛГБТИ луѓето во нашето патријархално и конзервативно општество.

Без канцеларија, во првите две години фокусот на „ЛГБТИ Јунајтед“ беше ставен на мали грасрут акции. Во 2014 година, се отвори првата канцеларија во Тетово која потоа прерасна во дневен центар – безбеден простор каде припадниците на ЛГБТИ заедницата од Тетово и околината ќе бидат во можност да бидат автентични, отворено да ги артикулираат и комуницираат своите потреби и интереси, и да уживаат во неформалното дружење.

„ЛГБТИ Јунајтед“ дејствуваше од Тетово до средината на 2022 година, а потоа со својата работа се префрли во Скопје поради бројните закани по живот што ги добиваа вработените. Инаку, тоа е првата граѓанска организација отворена надвор од Скопје, која се застапува за унапредување на позицијата и пристапот до човековите права на ЛГБТИ луѓето.

Низ годините, од страна на „ЛГБТИ Јунајтед“ беа реализирани повеќе јавни настани во Тетово и во други градови низ Северна Македонија, а организацијата особено се истакна со успешно мобилизирање на поддршка за испорачување на финансиска и друга помош за социјално ранливите лица од ЛГБТИ заедницата за време на пандемијата на COVID-19.

И денес, со седиште во Скопје, во рамките на кое функционира центарот на ЛГБТИ заедницата, „ЛГБТИ Јунајтед“ продолжува да биде релевантен чинител во општеството преку организирање бројни активности за оснажување на ЛГБТИ заедницата и вклучување во процесите што имаат за цел остварување рамноправност на ЛГБТИ луѓето.