И покрај интензивните напади против ЛГБТИ луѓето во неколку земји, еднаквоста и натаму напредува ширум Европа, покажува годишната виножитна мапа и индекс на ИЛГА-Европа.
Најновата виножитна мапа и индекс на водечката ЛГБТИ организација во Европа, ИЛГА-Европа, открива дека иако јавниот дискурс станува сѐ пополаризиран и понасилен, особено против трансродовите луѓе, политичката решителност за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето се исплати. Најголем пораст на мапата бележат земји што вовеле правно признавање на родот (ППР) користејќи го моделот на самоопределување.
Објавени во четвртокот, на 11 мај 2023 година, на Форумот за Меѓународниот ден против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата во Исланд, годишната виножитна мапа и индекс на ИЛГА-Европа, кои ги рангираат правната и политичката ситуација со ЛГБТИ луѓето во 49 европски земји, откриваат дека во претходните 12 месеци воведувањето забрани за генитално сакатење на интерполовите луѓе (ГСИ) исто така придонесува одредени земји да се искачат на ранг-листата. Шпанија скокна за шест места на четврто место со нејзиното воведување на ППР врз основа на самоопределување, како и забрана за ГСИ, додека Финска влезе меѓу првите десет, искачувајќи се шест места, повторно со ППР врз основа на самоопределување. И Грција се искачи четири места со нејзината забрана за ГСИ.
Унапредувањето на легислативата со вклучување на родовиот идентитет и половите карактеристики во законите против дискриминација и/или злосторства од омраза, ги помести Белгија, Исланд и Молдавија нагоре на ранг-листата покрај Шпанија.
Иако напредокот во законодавството во врска со признавањето на родовиот идентитет годинава претставува голем исчекор, има и други позитивни поместувања на виножитната мапа и индекс. Молдавија скокна 14 места бидејќи сексуалната ориентација и родовиот идентитет беа позитивно вклучени во законите што ги покриваат вработувањето, образованието, пристапот до добра и услуги, здравството, злосторствата од омраза и говорот на омраза. Словенија и Швајцарија ги заменија позициите. Обете земји им овозможија на истополовите парови да стапуваат во брак и да посвојуваат деца. Швајцарија исто така им дозволува на паровите медицински потпомогнато оплодување. И Хрватска се искачи за едно место со нејзиното воведување на посвојување деца од страна на истополови парови.

„Како што и самата виножитна мапа годинава покажува, политичарите во Европа што имаат храброст да се заземат за фундаменталните човекови права и еднаквоста на секој граѓанин возвраќаат удар на порастот на реториката против ЛГБТИ луѓето што доаѓа од антидемократските сили, особено инструментализацијата на лажните наративи против трансродовите луѓе. Мапата го нагласува јасниот факт дека напредокот за ЛГБТИ луѓето е сѐ уште можен, и поважен од кога било, а потребно е повеќе лидери да одговорат на нападите на демократијата, што нѐ засега сите нас, со тоа што ќе туркаат напред. Ги поздравуваме оние политичари кои зазедоа став што треба да се заземе за доброто на сите во нашето општество, и ги охрабруваме и другите да преземат акција бидејќи демократијата и човековите права се под закана од екстремната десница ширум Европа“, вели Евелин Паради, извршната директорка на ИЛГА-Европа во соопштението за јавност.
„Владите, но исто и другите политички актери и институции можат и направија позитивна промена годинава. Голем дел од напредокот се потпира на судовите, на пример, на локално, национално и европско ниво. Полска останува земјата во Европска Унија што најниско котира, на 43-то место, но оваа година доби поени во индексот поради судовите што се погрижија хируршките интервенции да не бидат предуслов за правно признавање на родот и телото за еднаквост што со својата работа ги опфати и интерполовите лица. Во оваа многу непријателски настроена глобална клима, гледаме различни актери што се здружуваат и поактивно се борат за правата на ЛГБТИ луѓето, што е клучно за да се справиме со отпорот“, додава Катрин Хугендубел, директорката за застапување во ИЛГА-Европа.

Во услови на пораст на антидемократските сили, тој отпор може да се види во оспорувањето на слободата на мирен собир. Па така, Србија, која беше домаќин на ЕуроПрајд – европската парада на гордоста што беше сериозно компромитирана по обидите во последен момент да се забрани настанот од страна на српскиот претседател и министерот за внатрешни работи, падна за три места, додека Турција останува скоро на самото дно на ранг-листата по уште една година со остри мерки против Прајд собирите, што покажува дека и во 2023 година основното право на собир на јавен простор сѐ уште не може да се земе здраво за готово.
Северна Македонија има остварено само 29% од потребните реформи за унапредување на позицијата и пристапот до човековите права на ЛГБТИ луѓето, а од државите во регионот полошо од нас е рангирана единствено Бугарија со 20%. Србија, Косово и Албанија имаат по 35%, БиХ 40%, Словенија 46%, Хрватска 49%, Грција 57%, додека Црна Гора е пред останатите држави на Балканот со 61%. Најлошо котираат Романија со 18% и Турција со 4%.
Секој мај од 2009 година наваму, одбележувајќи го Меѓународниот ден против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, ИЛГА-Европа ја објавува виножитната мапа што ги рангира сите 49 европски земји на скала од 0% (грубо кршење на човековите права, дискриминација на ЛГБТИ луѓето) до 100% (почитување на човековите права, целосна рамноправност).