Премини на содржината

ИЛГА-Европа и ЕРА со заеднички извештај за состојбата со правата на ЛГБТИ луѓето во земјите на проширување

ИЛГА-Европа, во соработка со Асоцијацијата за еднакви права за ЛГБТИ луѓето во Западен Балкан и Турција (ЕРА), неодамна го објавија нивниот годишен извештај за состојбата со правата на ЛГБТИ луѓето во земјите аспиранти за влез во Европска Унија. Извештајот прави осврт на недостатоците во легислативата и политиките за заштита и унапредување на ЛГБТИ правата во земјите на проширување и воедно ги идентификува приоритетите со кои Европска Унија мора да се позанимава за да осигура заштита на човековите права. Во овогодишниот извештај опфатени се десет земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Турција и Украина.

Во извештајот се нотира дека 2022 година беше важна година за процесот на проширување, со тоа што Европска Унија ги вклучи Украина, Молдавија и Грузија во својот годишен процес на известување. ИЛГА-Европа има организации-членки во трите земји и затоа прегледот нуди перспектива од сите десет земји. Дополнително, извештајот се фокусира на имплементација на постојните политики и легислатива, при што поглавјето за секоја земја е поделено на различни делови, вклучително приоритетите за претстојната година, имплементација на постојните политики, повратни информации за Извештајот за проширување на Европската комисија за 2022 година, и препораки до Европска Унија.

За жал, прегледот нагласува јасен тренд на оспорување на владеењето на правото, странско влијание што се врши за да се доведе во прашање напредокот на човековите права, вклучително правата на ЛГБТИ луѓето, како и зголемување на говорот на омраза кој се претвора во насилство на терен. Извештајот, исто така, открива дека ЛГБТИ темите се користат за поларизирање на општеството, често одвлекувајќи го вниманието од пошироките прашања како што се демократијата и владеењето на правото.

Од клучно значење е ЕУ да ги стави ЛГБТИ правата во прв ред во своите разгледувања, при што на барањата за унапредување на заштитата на човековите права за ЛГБТИ луѓето им се дава иста важност како на борбата против корупцијата и унапредувањето на владеењето на правото. Во извештајот се нагласува важноста од обновување на јасната перспектива за проширувањето на ЕУ, особено во Западен Балкан, а започнувањето на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија се смета за охрабрувачки чекор.

Некои од главните приоритети кои се посочени за Северна Македонија се: Владата повторно да ги воведе во собраниска процедура предлог-измените на Законот за матичната евиденција, со цел на трансродовите лица да им се овозможи правно признавање на родот врз основа на самоопределување; усвојување на Националниот акциски план за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата; Владата треба да воведе дефиниција за говор на омраза во Кривичниот законик што експлицитно ги вклучува сите видови говор на омраза мотивирани од пристрасност врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет, родово изразување и полови карактеристики; со цел правилно да биде имплементиран Законот за спречување и заштита од дискриминација, голем број закони сè уште треба да бидат усогласени; од исклучителна важност е да се врати буџетот за Националната програма за заштита на населението од ХИВ/СИДА како што беше првично планирано.

За крај можеме да сумираме дека овој годишен извештај е клучна алатка за евалуација на состојбата со ЛГБТИ правата во земјите на проширување и нуди значаен увид во предизвиците со кои се соочуваат ЛГБТИ луѓето и граѓанските организации. Во извештајот се истакнува потребата ЕУ да ја приоретизира заштитата на човековите права на сите граѓани, вклучително и оние од ЛГБТИ заедницата. ЕУ мора да се погрижи барањата за унапредување на заштитата на човековите права да бидат ставени на исто ниво со важните процеси за борба против корупцијата и унапредување на владеењето на правото.