Премини на содржината

Трансродовите лица излегуваат на протестен марш за остварување на основните човекови права и слободи

Во петок, на 31 март, во 16 часот, во Скопје, со почеток пред Владата на Република Северна Македонија, ќе се одржи Марш на трансродовите лица, а во рамките на кампањата за одбележување на Меѓународниот ден на видливост на трансродовите луѓе – информираат од граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“. „ТрансФормА“ со овој настан по петти пат се приклучува кон глобалната акција за солидарност со трансродовите луѓе, со цел намалување на насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.

„Како и сите претходни години, и оваа година децидно и недвосмислено бараме Законот за правно признавање на родот да биде конечно ставен во собраниска процедура со што пратениците ќе добијат можност да гласаат онака како што ветуваа пред да бидат избрани и онака како што Европскиот суд за човекови права ѝ наложи на оваа Влада како обврска. За политичките субјекти можеби ова е интригантна политичка игра и собирање поени, меѓутоа ве уверуваме дека за трансродовата заедница ова е единствен начин да започне да ги остварува и ужива своите најелементарни човекови права“, велат од „ТрансФормА“.

„На 31 март гласно ја испраќаме пораката „И мојот идентитет постои“ со што се обидуваме да ја зголемиме видливоста на трансродовите луѓе, која е од клучно значење за овие процеси со цел да се обезбеди адекватно правно и социјално интегрирање на овие лица во едно демократско и цивилизирано општество за кое Република Северна Македонија барем декларативно се залага“, додаваат од „ТрансФормА“ во нивниот проглас за настанот.

Меѓународниот ден на видливост на трансродовите луѓе секоја година се одбележува на 31 март, а е посветен на славење на трансродовите луѓе и зголемување на свесноста за дискриминацијата со која се соочуваат трансродовите луѓе ширум светот.