Премини на содржината

Малта, Канада и Швајцарија се дестинации за патување најпријателски настроени кон ЛГБТИ+ луѓето

Најновото издание на SPARTACUS GAY TRAVEL INDEX дава преглед на ситуацијата со ЛГБТИ+ луѓето во 203 различни земји и региони. Годинава, Малта го зазеде првото место, а по неа Канада и Швајцарија кои го делат второто место. Северна Македонија е на 70 место.

Сѐ уште има многу места во светот каде што ЛГБТИ+ луѓето се приморани да стравуваат за нивната среќа и безбедност. Поради понекогаш големите разлики во светот, може да се случи туристите да ја загрозат својата безбедност со невнимателно однесување. Грижејќи се за безбедноста на геј туристите ширум светот, „Spartacus“ ја објавува публикацијата „Gay Travel Index“. Овој индекс служи како првично упатство, додека повеќе информации за посакуваната дестинација за патување можете да најдете на нивниот веб-сајт и блог.

Малта за прв пат е самостојно на тронот. Оваа медитеранска островска земја значително се подобри во правното признавање на родот и оваа година е домаќин на EuroPride.

Германија го подобри своето севкупно рангирање за еден поен благодарение на унапредувањето на легислативата за интерполовите лица во 2021 година и овозможувањето законска заштита на нивните права на физички интегритет и телесна автономија и сега е на деветтото место во индексот заедно со Исланд, Шпанија и Обединетото Кралство.

Швајцарија е најголемиот победник. Оваа земја го направи најголемиот скок оваа година, од седум на дванаесет поени и се најде на второто место, делумно благодарение на воведувањето брачна еднаквост за истополовите парови и прогресивниот закон за правно признавање на родот за трансродовите лица врз основа на самоопределување.

Косово е најлошо рангирана од земјите на Балканот, на 84 место, а најдобро рангирани се Грција и Словенија, на 35 место. Хрватска е на 48 место, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 56 место, Албанија и Србија на 62 место, а Северна Македонија и Бугарија се на 70 место.

Ви препорачуваме најнапред да се информирате за ситуацијата со ЛГБТИ+ луѓето во посакуваната дестинација за патување пред да направите какви било резервации. SPARTACUS GAY TRAVEL INDEX за 2023 година можете да го преземете овде, додека интерактивниот компаративен преглед на светската мапа е достапен со клик овде.