Во понеделникот, 6 март, во Собранието на Република Северна Македонија се одржа средба на претставници на граѓанските организации што работат на ЛГБТИ теми со пратеници од интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето.
На состанокот се разгледуваше нацрт-акцискиот план на групата и соработката со невладиниот сектор. Се дискутираше и околу следните чекори за усвојување на измените на Законот за матичната евиденција што ќе овозможат правно признавање на родот.
Во рамките на дискусијата, свои обраќања пред пратениците во парламентот имаа Лила Милиќ и Даниел Проданов, активисти од граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“, и Наташа Бошкова, адвокатка и застапничка за правата на трансродовите лица од „Коалиција Маргини“. Со состанокот претседаваше координаторката на групата, пратеничката Маја Морачанин.
Граѓанските организации повеќе години се застапуваат за донесување на законот со кој требаше да се овозможи правно признавање на родот за трансродовите лица врз основа на самоопределување, без потреба од хируршки интервенции. Владата го достави предлог-законот до Собранието но, по негативните реакции на јавноста и некои пратеници, во март минатата година го повлече од собраниска процедура заради доработка. Ова беше нотирано и од Европската комисија во извештајот за Северна Македонија. Во јануари годинава, Министерството за правда, на веб-сајтот на ЕНЕР, објави известување за почеток на процесот за подготовка на нов предлог на Закон за матичната евиденција во кој ќе се вградат одредби, меѓу другото, за постапка за правно признавање на родот.
За потсетување, Европскиот суд за човекови права на 17 јануари 2019 година донесе пресуда во случајот X. против Република Македонија со која утврди повреда на член 8 од Европската конвенција за човекови права кој го гарантира правото на приватен и семеен живот, поради недостиг на законска рамка која ќе овозможи признавање на родовиот идентитет на жалителот (трансродово лице) преку промена на ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин ќе обезбеди почитување на приватниот живот на жалителот. По оваа одлука на судот, државата има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите лица брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.