Премини на содржината

Најсмртоносен пораст на насилството врз ЛГБТИ луѓето во последната деценија, открива новиот извештај

Годишниот извештај на ИЛГА-Европа, водечка ЛГБТИ организација во Европа, е публикација што го документира правниот, политичкиот и социјалниот развој во 54 земји и четири европски институции во текот на изминатата календарска година. Станува збор за уникатен извештај што ги следи клучните позитивни и негативни трендови во врска со рамноправноста и човековите права на ЛГБТИ луѓето во Европа и Централна Азија.

Овогодишниот извештај открива дека 2022 година била најнасилната година во изминатата деценија за ЛГБТИ луѓето од целиот регион, како во однос на планирани, жестоки напади така и во однос на самоубиства во време на растечки и широко распространет говор на омраза од политичари, верски лидери, десничарски организации и медиумски експерти.

Во извештајот е прикажан растечкиот феномен на анти-ЛГБТИ говор поради антипатијата кон ЛГБТИ луѓето која беше градена и потоа искористена за политичка корист. Се констатира дека како резултат на тоа, нападите врз ЛГБТИ луѓето со свесна и намерна желба да се убијат или повредат се зголемени до невидено ниво, вклучително два терористички напади кои се случија пред ЛГБТИ барови во Норвешка и Словачка, во кои беа убиени четири лица, а 22 беа осакатени. Постојат извештаи за уште повеќе убиства и многу самоубиства на ЛГБТИ луѓе ширум Европа, а не само во земји за кои се смета дека се порегресивни.

„Со години говориме дека говорот на омраза во сите негови форми се претвора во стварно физичко насилство. Оваа година, видовме дека насилството станува сѐ повеќе планирано и смртоносно, оставајќи ги ЛГБТИ луѓето во земјите низ Европа да се чувствуваат небезбедно. Видовме доказ дека анти-ЛГБТИ говорот на омраза не е само зборови на маргинални лидери и потенцијални автократи, туку реален проблем со страшни последици за луѓето и заедниците. Овој феномен е присутен не само во земји каде што говорот на омраза е распространет, туку и во земји за кои нашироко се верува дека ЛГБТИ луѓето во нив се прогресивно прифатени“, вели Евелин Паради, извршна директорка на ИЛГА-Европа.

Извештајот констатира дека иако говорот на омраза и неговите последици достигнале критични нивоа, сепак националните и локалните судови реагираат, а кривичното гонење е во пораст во неколку земји. Но според Паради, самата реакција не е доволна.

„Иако стануваме сѐ подобри во справувањето со исходите, фокусот треба да биде ставен на запирање на говорот на омраза во сите негови форми. Многу политичари низ Европа ја изразија нивната ужасеност од убиствата на ЛГБТИ луѓе оваа година, но и покрај тоа што секогаш се потребни јасни изрази на солидарност, тоа не се бави со основата на проблемот, а тоа е ширењето на користење омраза кон ЛГБТИ луѓето за политичка корист. Нашите лидери треба да најдат начини за проактивна борба со порастот на говор на омраза, отколку да се најдат во позиција да реагираат на неговите последици“, додава Паради.

Не се сите вести лоши. Во неколку земји остварен е голем напредок, а според извештајот активистите и нивните заедници се двигатели на позитивните општествени промени и успеваат да ја унапредат правната заштита и покрај организираното противење.

„ЛГБТИ активистите се централни играчи во земјите каде што е постигнат напредок, како што видовме во Шпанија и Финска, каде беше вложен огромен напор за успешно одржување на правното признавање на родот врз основа на самоопределување на вистинската политичка патека, и покрај жестокото противење на кое наиде. Ова важи за секое прашање што ги засега ЛГБТИ заедниците во регионот, што покажува дека ЛГБТИ луѓето и организациите остануваат оснажени и продолжуваат да ги остваруваат промените“, вели во соопштението Катрин Хугендубел, директорка за застапување во ИЛГА-Европа.

Дванаесеттиот годишен извештај на ИЛГА-Европа е достапен за преземање со клик овде, со сите останати годишни извештаи, прикажувајќи го феноменот на растечкиот говор на омраза против ЛГБТИ луѓето во Европа и Централна Азија, и последиците од него.

„Овие последователни извештаи раскажуваат една приказна за причината и последицата која нема да исчезне или да се намали додека политичарите и креаторите на политики не сфатат дека треба да дејствуваат превентивно на проблемот. Во актуелната клима, прогресивните лидери мораат да изнајдат ефикасни начини за справување со говорот на омраза во сите негови форми, наместо да се најдат затечени, изразувајќи сочувство на семејствата на непотребно убиените, или на оние кои си го одземале својот живот, додека во меѓувреме омразата продолжува да биде негувана и искористувана“, заклучува Паради.

Северна Македонија на „виножитната мапа“ е рангирана на 31. место од вкупно 49 земји и бележи стагнација во поглед на унапредувањето на правата на ЛГБТИ луѓето. Издвоениот извештај за Северна Македонија можете да го погледнете и преземете со клик овде.