Премини на содржината

Брачната еднаквост во Словенија стана реалност

Во Словенија од 31 јануари стапија во сила измените на Законот за семејството. Според измените, бракот повеќе не е животна заедница само на маж и жена туку е животна заедница на две лица и на истополовите парови им се овозможува посвојување деца.

„Денес е значаен ден. Словенија се придружи на најнапредните и најотворените демократии во светот со целосното изедначување на правата на истополовите партнери со правата на жените и мажите при склучување на брак“, напиша на Твитер Тања Фајон, словенечката министерка за надворешни работи, поздравувајќи ја оваа одлука.

Според објаснувањето на Министерството за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности, вонбрачната заедница сега подразбира долготрајна животна заедница на две лица, а не како што беше порано животна заедница исклучиво помеѓу маж и жена.

Уставниот суд во јуни минатата година пресуди дека не е согласно со Уставот законското уредување во делот на Законот за семејството според кој бракот е животна заедница на маж и жена. Воедно одлучи дека е неуставно регулирањето на можноста за заедничко посвојување на дете, што законот не им го допушта на истополовите партнери.

Уставниот суд наложи рок од шест месеци да се отстрани утврдената неуставност. Воедно пропиша дека, до отстранувањето на неуставноста, бракот е животна заедница на две лица без оглед на нивниот пол и дека истополовите партнери во партнерска заедница можат заеднички да посвојат дете под исти услови како и брачните другари (маж и жена).

Со измените на законот, истополовите партнери во брак или вонбрачна заедница се изедначени со заедницата меѓу маж и жена во сите правни последици од Законот за семејството и други правни области, па така и во условите за посвојување на дете.