Националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешки документи во оваа област ја одржа конститутивната седница на вториот состав на ова тело на 21 декември 2022 година, во Свечената сала во зградата на Владата на Република Северна Македонија. Работата на Националното координативно тело ја координира Министерството за труд и социјална политика, а прв пат беше формирано во 2018 година со министерката Мила Царовска.
Националното координативно тело е составено од координатор, заменик-координатор, 32 членови и 15 заменици–членови, претставници на државни институции, здруженија, синдикати, независни експерти, меѓу кои и претставници на граѓански организации што работат на унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето во земјата. Во работата на телото може да учествуваат и надворешни експерти и претставници од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, од Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права во Скопје и од Канцеларијата на Делегацијата на Европската Унија во Скопје и други независни експерти.
Според објавената одлука за неговото формирање во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 218 од 2022 година, Националното координативно тело ги има следните задачи: да го промовира концептот за еднаквост и недискриминација во генералните политики на сите јавни институции преку предлагање на мерки на годишно ниво; да ја следи интеграцијата на концептот во секторските политики во соработка со социјалните партнери и институциите од поединечните области; да го следи прогресот на хармонизација на националното законодавство со законодавството на Европската Унија и европските стандарди од областа на еднаквост и недискриминација; да учествува во подготовката и да дава насоки во процесот на подготовка на Стратегијата за еднаквост и недискриминација; да ги следи периодичните извештаи од државните институции; да ја следи реализацијата на законските, подзаконските и други стратешки документи од областа на еднаквост и недискриминација; да ги следи препораките на Меѓународната заедница во областа на еднаквост и недискриминација и да утврдува приоритети на годишно ниво во оваа област; да ги одобрува годишните оперативни планови на МТСП.
На конститутивната седница се актуелизираше потребата од донесување на Национален акциски план за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата во Република Северна Македонија, а согласно преземената обврска во рамките на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ 2021-2025. Нацрт-документот што го изработи работната група при МТСП формирана во 2020 година, сочинета од претставници на државни институции и невладини организации, треба да се најде на разгледување пред членовите на новиот состав на Националното координативно тело во првиот квартал од 2023 година.