Во Мексико, од минатата недела брачната еднаквост е достапна за сите луѓе, без оглед во која од 32-те сојузни држави живеат. Усвојувањето на брачната еднаквост во Мексико претставува успешно комплетирање на процес што траеше повеќе од 12 години.
Тамаулипас ги легализираше браковите меѓу истополови партнери по изгласување на мерката во законодавниот дом во средата, на 26 октомври. Тоа е последната од 32-те сојузни држави што го сочинуваат Мексико која го направи тоа, извести Associated Press.
Претседателот на Врховниот суд, Артуро Залдивар, на Твитер напиша: „Целата земја сјае со огромно виножито. Да живеат достоинството и правата на сите луѓе. Љубов е љубов.“.
Ден претходно, законодавците во јужната држава Гереро усвоија сличен закон што овозможува истополови бракови. Со гласањето во пограничната држава Тамаулипас се заокружи проширувањето на брачната еднаквост на целата територија на Мексико.
Во 2015 година, Врховниот суд ги прогласи за неуставни државните закони што го спречуваат склучувањето истополови бракови, но на некои држави им требаше неколку години за да усвојат закони со кои ќе се направи усогласување со пресудата на највисокиот суд.