Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата на Собранието на Република Северна Македонија и Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија, во соработка со „Коалиција Маргини“, на 14 октомври одржаа настан на тема: „Влијание на социјалната дискриминација врз животот на ЛГБТИ Ромите, можности за соработка и подобрувања“, кој во фокусот ги има Ромите припадници на ЛГБТИ заедницата.
Настанот го нотираше отежнатиот пристап до социо-здравствени услуги, позицијата на ЛГБТИ Ромите во помалите средини и нивната дополнителна маргинализација, проблемите во образованието, како и општиот напредок на овие луѓе со фокус на младите ЛГБТИ Роми.
Стигмата и слабата видливост со кои се соочуваат младите и возрасните ЛГБТИ Роми, има штетен ефект врз нивните животни можности. Како резултат на тоа, културниот судир помеѓу сексуалната ориентација и родовиот идентитет од една страна, и ромските традиции и општествените очекувања кои ги регулираат родовите улоги од друга страна, ги ставаат ЛГБТИ Ромите на работ на дискриминација и исклучување. Во ЛГБТИ движењето во Република Северна Македонија, не е голем бројот на Роми ЛГБТИ кои како видливи активисти учествуваат како претставници во неформални групи и мрежи или работат во ЛГБТИ организации – се посочува во објавеното соопштение на Собранието.
Воведно обраќање имаше координаторката на ИППГ за правата на ЛГБТИ лицата, Маја Морачанин, која истакна дека како Група застапена во Собранието, низ дијалог, би сакале да се дискутира какви се можностите за подобрувања и што пратениците, како креатори на закони и политики, би можеле да придонесат за оваа ранлива категорија граѓани, со оглед на исклучително високата дискриминација во ромските заедници по секој основ.
Воведно обраќање имаше и координаторката на ИППГ за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во РСМ, Љатифе Шиковска, која истакна дека универзалните човекови права треба да им се овозможат на сите, бидејќи Ромската заедница е една од најмаргинализираните категории во државава. Сите треба да бидеме дополнително мотивирани за намалување на дискриминацијата, за приближување на оние кои се дискриминирани, заедно да се работи на еднаквоста и сузбивање на омразата.
Ваквите настани овозможуваат пратениците да имаат повеќе информации и зајакната соработка со соодветните институционални чинители и граѓанските организации.
Координаторките, заедно со членовите на двете Групи, изразија големо задоволство што две Интерпартиски групи во Собранието имаат можност заедно да придонесат за подобрување на позицијата и пристапот до човековите права на ЛГБТИ и Ромската заедница.