Во средата, на 13 октомври, Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија го објави извештајот за Северна Македонија за 2022 година, кој го покрива периодот од јуни 2021 г. до јуни 2022 г. Во деловите на текстот што се однесуваат на правата на ЛГБТИ луѓето, како и досега, не е нотиран поголем напредок. Единственото „достигнување“ на властите во овој домен, ценејќи според содржината на извештајот, е што се погрижија за безбедно одржување на Парадата на гордоста во Скопје во јуни 2021 г.
Во однос на заштитата на човековите права и фундаменталните слободи, меѓу другото, во извештајот се наведува дека „клубот на пратенички и интерпартиските парламентарни групи за млади, ЛГБТИК, лица со попреченост и Роми имплементирале бројни активности во тесна соработка со релевантните граѓански организации“. И покрај овие афирмативни активности што повеќе се сведуваат на пи-ар, сепак изостануваат опипливи резултати за подобрување на квалитетот на животот на ЛГБТИ луѓето, кои и натаму живеат на маргините на општеството, изложени на постојана стигматизација и вербално и физичко насилство.
Во продолжение ви го пренесуваме интегрално исечокот од извештајот кој се однесува на ЛГБТИ правата, односно позицијата и пристапот до човековите права на ЛГБТИ луѓето.
Промоцијата на еднаквост и осудата на говор на омраза, криминал од омраза, дискриминација и нетолеранција кон лезбијките, геј мажите, бисексуалните, трансродовите, интерполовите и квир луѓе треба да бидат систематски. И покрај постоењето на законска рамка за заштита од дискриминација и криминал од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, имплементацијата на овие закони останува предизвик. По пресудата на Европскиот суд за човекови права (од јануари 2019 г.), властите подготвија амандмани на законот за матичната евиденција за да се воведе процедура за правно признавање на родот. Сепак, нацрт-законот беше повлечен од собраниска процедура во март 2022 година заради дополнителни измени. Законската рамка не дозволува официјално признавање на истополови двојки.
Неколку политичари дадоа хомофобични и дискриминаторски изјави. Нема напредок во истрагите за нападите врз ЛГБТИ центарот за поддршка во 2012, 2013 и 2014 година. Во ноември 2021 година, канцеларијата на ЛГБТИК организација во Тетово беше вандализирана и активисти добија смртни закани. Отсуството на систематско прибирање на податоци за криминал од омраза базиран на сексуална ориентација и родов идентитет и неговото неефикасно следење од страна на властите останува сериозен проблем. Случаите на криминал од омраза се регистрираат во база на податоци на граѓанското општество од каде се носат извештаи. Потребни се мерки за зголемување на капацитетот и свесноста на полициските службеници и правниците за ефикасно спречување и гонење на сите случаи на насилство, криминал од омраза и говор на омраза. Не е направен напредок за отстранување на негативните стереотипи и говорот на омраза кон ЛГБТИК луѓето во учебниците, или за усвојување на националниот акциски план за ЛГБТИК за 2021-2025. Во јуни 2021 г., властите ја овозможија успешната организација на Парадата на гордоста, на која присуствуваа претседателот на Северна Македонија и министри. Говорот на омраза и погрдните термини за ЛГБТИК луѓето продолжуваат да преовладуваат во интернет просторот. Потребни се сериозни напори за да се заштитат и да се овозможи луѓето да ги остваруваат нивните ЛГБТИК права.