Премини на содржината

Повик за пријавување на еднонеделна обука за самозаштита наменета за ЛГБТИ заедницата

Во Северна Македонија, говорот на омраза и делата од омраза кон ЛГБТИ заедницата во изминатиот период се во пораст. Заканите, вознемирувањето, вербалните и физичките напади, на жалост, се составен дел од животот на многу лезбијки, геј мажи, бисексуални и трансродови луѓе. Надлежните органи не само што не преземаат превентивни активности за спречување на овие појави, туку и потфрлаат во нивното препознавање и процесирање низ кривично-правниот систем. Ниските бројки во официјалните статистики не ја одразуваат реалната слика и се должат на тоа што многу луѓе од ЛГБТИ заедницата не сакаат да ги пријават злочините против нив бидејќи се загрижени како ќе бидат третирани.

Здружението „ЛГБТИ Јунајтед“ ги поканува сите заинтересирани членови, волонтери и ЛГБТИ активисти да се пријават за учество на еднонеделна обука за самозаштита.

Часовите се базираат на специјално дизајниран систем за самозаштита, а ќе ги води стручен предавач со долгогодишно искуство во психологијата и борбените вештини. Првенствено се наменети за превенција и самозаштита на лица кои претрпеле траума од вербален или физички напад, жртви на насилство, активен или пасивен булинг и слично.

Пријавувањето на обуката за самозаштита е отворено до 9 октомври 2022 г. Обуката ќе се реализира како еднонеделен интензивен курс, во периодот од 24 до 30 октомври 2022 г. во Скопје. Подетални информации околу местото и времето на одржување на обуката ќе добијат само селектираните кандидати. Сите трошоци за сместување, храна, патни трошоци, како и партиципацијата за учество на обуката ќе бидат покриени од страна на „ЛГБТИ Јунајтед“. За да се пријавите, потребно е да ни испратите порака на нашата е-пошта со вашите лични податоци, како име и презиме и телефон за контакт, и накратко да наведете зошто ви е потребна оваа обука. Местата се ограничени и предност ќе имаат ЛГБТИ активисти и ЛГБТИ луѓе кои живеат во хомофобични средини.