Премини на содржината

Човековите права на ЛГБТИ луѓето во Северна Македонија не се повеќе меѓу приоритетите на законодавната, извршната и судската власт

Северна Македонија во изминатиот период бележи алармантна стагнација во поглед на унапредувањето на правата на ЛГБТИ луѓето во насока на постигнување еднаквост на граѓаните од сексуалните и родовите малцинства. Од донесувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација во октомври 2020 година, во кој експлицитно беа внесени сексуалната ориентација и родовиот идентитет како дискриминаторски основи, ниту владата ниту парламентот немаат слух за решавање на законските и другите секојдневни предизвици и проблеми со кои со децении се соочува ЛГБТИ заедницата.

Националниот акциски план за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата 2021-2025 што требаше да се донесе до крајот на 2020 година, а во рамките на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија, е сѐ уште заглавен во некоја канцелариска фиока додека коалиционите партнери во владата калкулираат со политичките поени што би ги добиле или изгубиле од нивните гласачи со носењето на овој документ. Истата судбина ја дели и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за матичната евиденција со кој требаше да се овозможи правно признавање на родот за трансродовите лица врз основа на самоопределување, без потреба од хируршки интервенции. Владата го достави предлог-законот до Собранието, но по негативните реакции на јавноста и некои пратеници таа во март годинава го повлече од собраниска процедура заради доработка. До моментот на објавување на овој текст нема никакво поместување во однос на неговото донесување.

Министерството за внатрешни работи еден ден во годината се погрижува за безбедноста на ЛГБТИ луѓето и нивните поддржувачи што земаат учество на Парадата на гордоста во Скопје, додека останатите 364 дена сексуалните и родовите малцинства живеат во страв и со константни закани по нивниот живот. Полицијата, јавното обвинителство и судството во повеќето случаи потфрлаат во препознавањето, гонењето и санкционирањето на говорот на омраза и делата од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Негативните дискриминирачки ставови кон ЛГБТИ луѓето остануваат присутни во реториката на политичарите и политичките партии, како и во јавниот дискурс.

Освен повремената декларативна поддршка од малкумина владини функционери и парламентарци и уште помалку од нив што посветено работат на овие прашања, ЛГБТИ луѓето се оставени незаштитени, во ранлива позиција, на маргините на општеството, со неможност да ги остварат и уживаат многу од своите човекови права и основните слободи што нивните хетеросексуални и цисродови сограѓани ги земаат здраво за готово.

На виножитната мапа на ИЛГА-Европа за 2021 година, која ги рангира правната и политичката ситуација на ЛГБТИ луѓето во 49 европски земји, Северна Македонија се најде на 31. позиција со остварување на само 27% од потребните критериуми на патот до почитување на човековите права и целосна еднаквост. Од државите на Балканскиот Полуостров, полошо од нас е рангирана единствено Бугарија, на 40. место со 18%.