Премини на содржината

За пратениците во парламентот: Како да одговорите на митовите за ЛГБТИ луѓето

Јавните мислења и коментари што се изнесуваат за ЛГБТИ луѓето често ги оцрнуваат, макар и ненамерно, и ги поткопуваат нивните права. Многу такви коментари се засноваат на вообичаени митови. Како парламентарци, можете да одговорите на овие коментари и да ги разбиете митовите низ призма на човекови права.

Помислете колку од изјавите што ги читате и слушате за ЛГБТИ луѓето ја негираат реалноста – всушност, голем дел од напишаното и кажаното не е ништо друго освен мит. На таквите изјави можете да формулирате соодветни одговори базирани на човековите права. Обрнете внимание како вашите колеги во парламентот зборуваат за ЛГБТИ луѓето и како ЛГБТИ луѓето се прикажуваат во медиумите, и одговорете соодветно на тоа. Консултирајте ги локалните ЛГБТИ организации за насоки.

МИТ: Хомосексуалноста е „западен феномен“.

Реалност: Ова не е точно. ЛГБТИ луѓето постојат насекаде, во сите земји, помеѓу сите етнички групи, на сите социо-економски нивоа и во сите заедници ширум светот, и тоа многу долго време.

Она што е точно е дека многу од законите што продолжуваат да ги криминализираат и казнуваат ЛГБТИ луѓето во многу земји се од западно потекло и се наследство од колонијализмот. Тоа и натаму е случај, иако многу од истите тие поранешни колонијални сили веќе ги немаат истите дискриминаторни закони во нивните земји, а ги имаат заменето со легислатива што промовира еднаквост.

МИТ: Да се биде ЛГБТИ е неспојливо со религијата и верата (или конкретна религија); тоа оди против Бога.

Реалност: Ова не е точно. Погледнете го делот 8.3 „Разговори за ЛГБТИ-темите и верата“ од прирачникот за парламентарци „Унапредување на човековите права и вклучување на ЛГБТИ луѓето“, кој ги разработува многуте аргументи што можат да бидат искористени за сузбивање на овој мит.

МИТ: Лишувањето на ЛГБТИ луѓето од нивните човекови права може да се оправда врз основа на религија, култура или традиција.

Реалност: Дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет, родова експресија и полови карактеристики никогаш не може да се оправда по која било основа.

Човековите права се универзални: на секое човечко битие му припаѓаат истите права, без разлика кои се или каде живеат. Историјата, културата и религијата се многу важни, но сите држави, без оглед на нивните политички, економски или културни системи, имаат правна обврска да ги промовираат и заштитат човековите права на сите. Ова ги вклучува и ЛГБТИ луѓето.

Верската слобода ни дава право да имаме наши уверувања (или да немаме), но не ни дава за право да ги наметнуваме нашите погледи на другите, вклучително преку дискриминација или нанесувајќи им штета на друг начин.

МИТ: ЛГБТИ луѓето се „ненормални“; тие се креација на модерното време; да се биде ЛГБТИ е „тренд“.

Реалност: Сексуалната ориентација, родовиот идентитет, родовата експресија и половите карактеристики не се „актуелни трендови“.

Скоро секоја земја има забележана историја на луѓе чии идентитети, разновидни телесни манифестации и однесувања се многу слични на она што денес го нарекуваме хетеросексуалност, бисексуалност, хомосексуалност, интерполови лица и трансродови идентитети. Исто така, луѓето со варијации на половите карактеристики покажуваат природни и разновидни телесни манифестации што отсекогаш постоеле во човечкиот вид.

МИТ: ЛГБТИ луѓето бараат „посебни права“ (некои велат, на сметка на правата на сите останати).

Реалност: Ова не е точно. Не се бараат посебни права од страна на или за ЛГБТИ луѓето. Тие имаат право да ги уживаат истите човекови права и фундаментални слободи на кои има право секое човечко битие. За жал, овие права и слободи им се ускратени на милиони луѓе ширум светот само поради нивната сексуална ориентација, родов идентитет, родова експресија и полови карактеристики. Токму затоа има потреба да се фокусираме на ставање крај на дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет, родова експресија и полови карактеристики и да обезбедиме вклучување на сите ЛГБТИ луѓе.

Инклузијата на ЛГБТИ луѓето подразбира осигурување еднаков пристап до човековите права за сите, а не фаворизирање на една група пред друга.

МИТ: Да се биде ЛГБТИ е приватна работа. Нема потреба да се донесуваат закони за ЛГБТИ луѓето доколку ги задржат својот идентитет и практики за себе.

Реалност: Секое човечко битие има полови карактеристики, родов идентитет и сексуална ориентација. Само ЛГБТИ луѓето се дискриминирани и прогонувани поради нивните, обвинувани за насилството што го трпат и од нив се бара да се кријат. Цисродовите, ендополовите (неинтерполовите) и хетеросексуалните луѓе можат да живеат слободно без потреба да кријат кои се. ЛГБТИ луѓето имаат право на истото.

МИТ: Криминализирањето на хомосексуалноста е добра идеја.

Реалност: Криминализирањето на приватните сексуални односи меѓу две согласни возрасни единки, без разлика дали односите се хомосексуални или хетеросексуални, е повреда на правото на приватност, достоинство и телесна автономија, е дискриминаторно по природа и го прекршува меѓународното право за човекови права. Кога се спроведуваат, овие закони го прекршуваат правото на слобода од произволно апсење и притвор. Криминализацијата служи за да се оправдаат непријателските ставови кон ЛГБТИ луѓето и поттикнува практики на насилство, дискриминација, изнуда и уцена. Спроведувањето на овие закони чини многу пари, а не носи никаква општествена вредност.

МИТ: Со укинувањето на законите што ги криминализираат односите меѓу лица од истиот пол „промовираме хомосексуалност“.

Реалност: Промовирањето еднакви права за лезбијките, геј мажите и бисексуалните луѓе не е „промовирање хомосексуалност“ – тоа е истакнување дека истите фундаментални човекови права важат за сите. Тоа се темелните вредности до кои имаат обврска да се придржуваат сите земји-членки на Обединетите нации.

Понатаму, отстранувањето на кривичната санкција не сигнализира официјално одобрување; со тоа само се осигурува дека луѓето нема да бидат изложени на законски ризик поради тоа кого љубат.

МИТ: Ако се декриминализира хомосексуалноста, тоа неизбежно ќе доведе до јавни изразувања на љубов што се културолошки неприфатливи и ќе бара легализација на истополови бракови.

Реалност: Генерално, декриминализацијата само го заштитува правото на доброволна сексуална активност во приватно опкружување.

Културните обичаи еволуираат, макар постепено и макар во рамките на традицијата. Некои земји што ја имаат декриминализирано хомосексуалноста сфатија дека тоа им помогнало да се помести јавното мислење доволно за да се промени со текот на времето она што е културолошки прифатливо. Евентуално, другите закони – како оние за брачна еднаквост – може со текот на времето да станат помалку контроверзни. Сепак, тој напредок е засебен и смислен законодавен избор што бара преземање конкретна дополнителна акција од страна на парламентот.

МИТ: Парламентарците треба да го следат јавното мислење кога постои огромна јавна поддршка за казнени закони против ЛГБТИ луѓето.

Реалност: Примарната одговорност на парламентарците е да ги унапредуваат човековите права и вклучувањето на сите луѓе, без оглед колку непопуларно е ова гледиште во врска со ЛГБТИ луѓето.

Негативните јавни ставови никогаш не може да се користат за да се оправдаат прекршувањата на човековите права, вклучително казнените закони и полициското вознемирување и бруталност кон ЛГБТИ луѓето, како што не може да се користат за да се оправдаат сексистичките, расистичките, ксенофобичните, секташките и другите дискриминаторни акти или политики.

Кога постојат дискриминаторни ставови кон одредени групи, одговорност на парламентарците и другите е да работат на надминување на таквите ставови преку јавна едукација, подигнување на свесноста и други мерки.

МИТ: Во меѓународните инструменти за човекови права нема ништо за ЛГБТИ луѓето, така што тие не се применуваат.

Реалност: Ова не е точно. Напротив, меѓународното право за човекови права важи за секој човек.

Меѓународното право за човекови права воспоставува правни обврски за државите да се погрижат сите луѓе, без разликување, да бидат во можност да ги уживаат нивните човекови права. Сексуалната ориентација, родовиот идентитет, родовата експресија и половите карактеристики на едно лице се статус, како што се расата, полот, бојата на кожата и религијата.

Многу тела за заштита на човековите права, механизми за човекови права, специјални процедури, препораки на Советот за човекови права на Обединетите нации, резолуции и извештаи на Обединетите нации, во повеќе наврати потврдија дека ЛГБТИ луѓето имаат право на истите човекови права како хетеросексуалните и цисродовите луѓе и дека дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет, родова експресија и полови карактеристики го прекршува меѓународното право за човекови права.

МИТ: Кога нашата национална легислатива не е усогласена со нормите и стандардите за човекови права, не можеме многу да направиме по тоа прашање.

Реалност: Понекогаш одредбите од националните закони и политики можат да бидат во конфликт со фундаменталните права содржани во меѓународното право – било да се работи за човековите права на ЛГБТИ луѓето или во врска со други групи или специфични стандарди за човекови права.

Сите држави имаат должност да ги ревидираат и реформираат националната легислатива и политиките во склад со меѓународните стандарди за човекови права, вклучително во однос на обврските од договорите за човекови права. Парламентот е одговорен за донесувањето закони и затоа мора да се погрижи националната легислатива да биде усогласена и хармонизирана со меѓународните обврски за човекови права.

МИТ: Постојат посериозни проблеми за парламентарците да се фокусираат наместо на правата на ЛГБТИ луѓето – како образованието, здравството и безбедноста.

Реалност: Ова е вообичаена тактика што се користи за да се оттргне вниманието од и да се минимизираат или игнорираат одговорностите на државата да ги почитува, заштитува и исполнува правата на ЛГБТИ луѓето.

Човековите права на ЛГБТИ луѓето, како и на сите луѓе, бараат сериозно и посветено внимание. ЛГБТИ луѓето се често оние за кои постои поголема веројатност да им се оневозможи еднаков пристап до образование, здравство и безбедност. Заштитувањето, почитувањето и исполнувањето на правата на ЛГБТИ луѓето на ниеден начин не го спречува, попречува или одложува решавањето на какви било други прашања.

МИТ: Хомосексуалноста и трансродноста се ментални болести или нарушувања кои можат да бидат излечени.

Реалност: Ниту хомосексуалноста ниту трансродноста не е нарушување или болест (што е потврдено од Светската здравствена организација). Сите луѓе имаат родов идентитет, вклучително трансродовите луѓе; единствената разлика е тоа што нивниот се разликува од оној што им е доделен при раѓање. Хомосексуалноста е природна и непатолошка варијација на човечката сексуалност.

СЗО исто така јасно стави на знаење дека сексуалната ориентација и родовиот идентитет не можат да бидат променети. Обидите присилно да се промени сексуалната ориентација на хомосексуално или бисексуално лице или родовиот идентитет на трансродово лице, како што се „терапиите за преобратување“, се неефикасни и штетни и претставуваат тортура и нехумано постапување.

Всушност, ЛГБТИ луѓето се изложени на зголемен ризик од нарушување на менталното здравје поради дискриминацијата и насилството. ЛГБТИ-фобијата и дискриминацијата се главни бариери во пристапот до здравствена заштита и може да резултираат со зголемен ризик од здравствени проблеми неповрзани со полот, родот или сексуалноста.

МИТ: Интерсексуалноста е медицинска состојба која може да се излечи.

Реалност: Единаесеттата ревизија на Меѓународната класификација на болести на Светската здравствена организација (МКБ-11) вклучува нарушувања во развојот на полот, контроверзен термин кој имплицира дека интерполовите луѓе имаат неприродни тела кои треба да се поправат.

Меѓутоа, да се биде интерполово лице не е здравствен проблем само по себе. Постојат само неколку случаи каде од витални причини мора да се изврши хируршка интервенција. Сепак, многу интерполови бебиња и деца се подложени на непотребни, без согласност, невитални хируршки и медицински процедури што единствено имаат за цел да направат изгледот на нивното тело да биде во склад со бинарната визија за полот.

Всушност, „овие често неповратни процедури може да предизвикаат трајна неплодност, болка, инконтиненција, губење на сексуалниот осет и доживотно ментално страдање, вклучително депресија, Редовно изведувани без целосна, слободна и информирана согласност на засегнатото лице, кое често е премногу младо за да учествува во донесувањето одлуки, овие процедури може да ги повредат нивните права на телесен интегритет, слобода од тортура и малтретирање и живот без штетни практики“.

МИТ: Интерполовите луѓе се ретки и затоа не се потребни интервенции во политиките и законите.

Реалност: Не постојат официјални статистички податоци за популацијата на интерполови луѓе, но експертите проценуваат дека до 1,7 проценти од популацијата се раѓа со интерполови особини.

Претпоставениот мал број на интерполови луѓе не може да се користи како изговор за да се оправда недејствувањето на државите во врска со насилството и дискриминацијата со кои се соочуваат овие луѓе. Сите луѓе треба да живеат безбедно и да бидат заштитени од повреди, малтретирање, тортура и дискриминација – и интерполовите луѓе исто така.

МИТ: Ако дозволиме правно признавање на родот врз основа на самоопределување (без потреба од третман или хируршки интервенции), сите ќе сакаат да ги променат нивните документи за идентификација.

Реалност: Кога трансродовите луѓе прават транзиција (за да живеат според родот со кој се идентификуваат), тие минуваат низ повеќе чекори. Тие може да вклучуваат отворање пред семејството, пријателите, колегите и работодавачите, како и облекување и себеизразување во склад со нивниот род, што ги изложува на насилство и дискриминација.

Правното признавање на родот врз основа на самоопределување ги заштитува трансродовите луѓе од повреди на нивното достоинство и им овозможува поддршка во овој процес.

Правното признавање на родот врз основа на самоопределување исто така им овозможува самоидентификација и ги заштитува од натамошно нарушување на нивното достоинство оние интерполови луѓе кои не се идентификуваат со родот што им е доделен при раѓање и можеби веќе се борат со траума од хируршки и други медицински интервенции направени врз нив без нивна согласност.

МИТ: Ако го додадеме родовиот идентитет како заштитена основа од дискриминација, полот повеќе нема да биде еднакво заштитен.

Реалност: Важно е експлицитно да се вклучи родовиот идентитет како основа за заштита во легислативата. Луѓето можат да бидат дискриминирани поради нивниот пол запишан во матичната книга на родените; тие исто така можат да бидат дискриминирани поради нивниот родов идентитет, особено кога не е во склад со нивниот пол запишан во матичната книга на родените (како што често е случај). Според тоа, трансродовите луѓе се дискриминирани бидејќи се трансродови. Додавањето на родовиот идентитет како основа во законите за недискриминација им овозможува конкретна заштита на трансродовите луѓе, кои до ден денес се една од најдискриминираните групи во нашите општества во сите аспекти од секојдневниот живот.

МИТ: Сите ЛГБТИ луѓе имаат ХИВ/СИДА.

Реалност: Ова не е точно. ХИВ ги погодува сите луѓе, без разлика на нивната сексуална ориентација и родов идентитет, вклучително хетеросексуалните мажи и жени. Секој што има незаштитен секс, дели опрема за инјектирање или има трансфузија со контаминирана крв е во ризик. Бебињата можат да бидат инфицирани со ХИВ од нивните мајки за време на бременоста, за време на породувањето или по породувањето преку доење.

Она што е точно е дека бариерите во уживањето на човековите права, особено стигмата, дискриминацијата, насилството и социјалното исклучување што ЛГБТИ луѓето често ги доживуваат, може да влијаат на степенот до кој можат да пристапат до услуги и информации за превенција и третман на ХИВ, што ги остава уште поранливи и во зголемен ризик од изложување на ХИВ. Ова искуство на ранливост и маргинализација мора да се третира како клучни бариери до човековите права што го спречуваат пристапот на ЛГБТИ луѓето до услуги.

МИТ: Да се биде во опкружување на ЛГБТИ луѓе или да се има пристап до информации за хомосексуалноста ја загрозува благосостојбата на децата.

Реалност: Ова е мит. Учењето за ЛГБТИ или поминувањето време со луѓе кои се ЛГБТИ не влијае врз сексуалната ориентација или родовиот идентитет на малолетниците ниту, пак, штети на нивната благосостојба.

МИТ: Давањето видливост на прашањата за сексуалната ориентација, родовиот идентитет, родовата експресија и половите карактеристики во образованието и/или сексуалното образование ги охрабрува децата и адолесцентите да станат ЛГБТИ.

Реалност: Инклузивното образование не ги тера децата да бидат ЛГБТИ, туку им ги дава потребните алатки за да разберат колку се разновидни родот, сексуалноста и човечките тела, да се спознаат самите себе, и значително ја намалува изложеноста на малтретирање и насилство во училиштето преку негување безбедно и овозможувачко опкружување без срам.

УНЕСКО се залага за сеопфатно сексуално образование (ССО) повеќе од 10 години. „Значаен број докази покажува дека ССО им овозможува на децата и младите луѓе да развијат точни и соодветни на возраста знаења, ставови и вештини; позитивни вредности, вклучително почитување на човековите права, родовата еднаквост и диверзитетот, како и ставови и вештини што придонесуваат за безбедни, здрави, позитивни односи“.

МИТ: Семејството се состои од сопруг, сопруга и деца. Други форми на семејства се неприродни и ги ставаат децата во ризик.

Реалност: Постојат многу социолошки и психолошки истражувања што покажуваат дека децата израснати во „виножитни семејства“ не се полоши од другите деца.

Различните семејства (на пр. надвор од хетеронормативниот модел на сопруг, сопруга и деца) отсекогаш постоеле и продолжуваат да постојат во многу општества: децата израснати од членови на семејството различни од нивните родители – од пошироки заедници, самохрани родители, нивните браќа и сестри, итн. – се сѐ освен „неприродни“. Политиките и законите треба да се темелат на принципот на најдобар интерес за детето (Конвенција за правата на детето) и капацитетот на старателите да огледуваат здрави и среќни деца.

МИТ: ЛГБТИ луѓето се педофили и „опасни за децата“.

Реалност: Не постои никаква врска меѓу бидувањето лезбијка, геј маж, бисексуално, трансродово или интерполово лице и злоупотребата на деца. Доказите покажуваат дека ЛГБТИ луѓето ширум светот, исто како и хетеросексуалните, цисродовите и ендополовите луѓе, се добри родители, наставници и примери за младите.

Прикажувањето на ЛГБТИ луѓето како педофили или како опасни за децата е погрешно и навредливо. Тоа го одвлекува вниманието од потребата за сериозни и соодветни мерки за заштита на сите деца, вклучително оние што ја спознаваат нивната сексуална ориентација и родов идентитет. Сите форми на сексуална злоупотреба, вклучително врз деца, треба да се превенираат и казнуваат кога ќе се случат, без оглед кои се сторителите.

МИТ: „Родовата идеологија“ е она што ги прави луѓето трансродови.

Реалност: Родовата идеологија е концепт што се користи од конзервативните движења за се запре напредокот што веќе е направен и се прави кон еднаквост.

„Зборувањето за полот како единствена „објективна реалност“ е начин да се каже дека биологијата е она што некого го прави жена или маж – инаку познато како „биолошки детерминизам“. Низ историјата, биолошкиот детерминизам се користел за да се потиснат жените. На пример, користен е за да се тврди дека „местото на жените е во домот“ поради биолошкиот факт дека тие раѓаат деца, или дека насилството врз жените е инхерентно со биолошката разлика меѓу мажите и жените, а не резултат на родовите односи на моќ и социјалниот конструкт на родот“.


Извор: Parliamentarians for Global Action