Премини на содржината

Втор физички напад врз Беким Асани за само три месеци, нападнати и уште двајца други активисти

Во понеделникот на 8 август 2022 г. се случи физички напад врз Беким Асани, претседател на здружението „ЛГБТИ Јунајтед“ од Тетово, инаку втор физички напад врз него годинава. На плоштадот во Струмица, каде дента Асани и волонтери од „ЛГБТИ Јунајтед“ имале поставено информативен штанд за промоција на работата на организација, се појавило машко лице кое почнало да им се заканува на Асани и волонтерите и да им дофрла навредливи зборови, по што се упатило кон Асани и физички го нападнало, нанесувајќи му телесни повреди.

Веднаш по немилата случка била повикана полиција, која пристигнала на местото на нападот 20 минути по дојавата. Дополнително, поставувањето на информативниот штанд било благовремено пријавено во надлежната полициска станица и било побарано нивно присуство заради обезбедување на сигурноста на учесниците вклучени во реализирањето на оваа активност, но немало присутни полициски службеници кога се случил нападот.

По четири часа поминати во болница, постапувајќи по добиените насоки од страна на полициските службеници што излегле на увид, Асани се упатил во полициска станица за да го пријави случајот и да даде исказ во присуство на сведоци. Кога пристигнал на портирницата од полициската станица, Асани бил изложен на исмејување и понижувачки однос од страна на полициски службеник. Според Асани, полициските службеници кои потоа му земале исказ на него и сведоците се однесувале коректно и професионално.

Поради спорото постапување на полицијата, следниот ден, на 9 август 2022 г. од истото лице што го сторило нападот врз Асани биле физички нападнати уште двајца ЛГБТИ+ активисти во Струмица, соработници на „ЛГБТИ+ Јунајтед“. Сега на потег се органите на прогонот.

„ЛГБТИ Јунајтед“ најостро ги осудува физичките напади врз активистите и упатува апел до надлежните институции итно да го пронајдат и санкционираат сторителот на овие дела од омраза. Кривичните дела сторени од омраза и говорот на омраза кон ЛГБТИ+ луѓето мора соодветно да се евидентираат и процесираат преку кривично-правниот систем и конечно да се стави крај на континуираното игнорирање на овие практики и неказнивоста на сторителите на овие дела што само го потхранува и охрабрува таквото однесување.