Премини на содржината

Словенија ќе им овозможи на истополовите двојки да стапуваат во брак и да посвојуваат деца

Земјата, која беше дел од поранешна Југославија до осамостојувањето во 1991 година, е првата од Источниот блок што им ги овозможува овие права на истополовите двојки

Уставниот суд на Словенија пресуди дека забраните за истополовите двојки да стапуваат во брак и да посвојуваат деца се неуставни и му наложи на парламентот да го измени законот во рок од шест месеци за да им се овозможат овие права и на нив. Судиите на Уставниот суд на 8 јули донесоа одлуки по двете прашања со 6 гласови „за“ и 3 „против“, утврдувајќи дека законите на Словенија што им дозволуваат брак и посвојување деца само на различнополовите двојки ја прекршуваат уставната забрана за дискриминација.

Дискриминацијата против истополовите двојки „не може да биде оправдана со традиционалното значење на бракот како заедница меѓу маж и жена, ниту со специјална заштита на семејството“, според пресудата што ја пренесе словенечката новинска агенција. Пресудата, која судот рече дека стапува во сила веднаш, го трасира патот за унапредување на ЛГБТИ правата во централна и источна Европа, каде неколку земји имаат уставни забрани за истополов брак и ниедна досега не дозволила венчавки на истополови двојки.

Естонската влада дојде најблиску до тоа во 2016 година кога се согласи да ги признае истополовите партнерства склучени во други земји. Хрватска, Чешка, Унгарија и Црна Гора имаат закони со кои се воспоставуваат истополови граѓански партнерства. Во соседните земји, истополовите граѓански партнерства се достапни и во Италија и Швајцарија, додека во Швајцарија во јули годинава стапи во сила законот што дозволува истополови бракови, приближно девет месеци откако 64.1% од гласачите на оваа земја на национален референдум го поддржаа законот „Брак за сите“ со кој истополовите партнери добиваат исти права како хетеросексуалните парови, вклучително правото на заедничко посвојување деца и давање гаранција за сопружникот за стекнување со швајцарско државјанство.

Одлуката на судот во Словенија, која беше социјалистичка република под комунистичка власт како дел од поранешна Југославија пред да стане независна земја во 1991 година, доаѓа само две недели откако власта ја презеде либералната влада – коалицијата на Движењето Слобода со Социјалдемократите и Левица, а на чело со премиерот д-р Роберт Голоб – заменувајќи претходната предводена од десничарски конзервативци.

Иако судот на законодавците им даде рок од шест месеци да ги изменат постојните закони за да се усогласат со пресудата, според словенечкиот министер за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности Лука Месец потребните измени ќе бидат подготвени уште во текот на истиов месец – пренесува Associated Press. „Уставниот суд ни наложи да го направиме тоа и ние ќе го направиме тоа со огромно задоволство“, изјави Месец.

Уставниот суд го разгледуваше ова прашање по примени жалби од две истополови двојки кои не можеле да се венчаат или да се квалификуваат за посвојување деца.

Одлуката „не ја намалува важноста на традиционалниот брак како заедница меѓу маж и жена, ниту ги менува условите под кои лицата од спротивен пол стапуваат во брак“, велат судиите во нивното образложение. Одлуката „само значи дека истополовите партнери сега можат да стапуваат во брак исто како што можат хетеросексуалните партнери“.

Од соседите на Северна Македонија единствено Грција има овозможено регистрирани граѓански партнерства за истополовите двојки, исто така достапни и за различнополовите двојки. Во Србија, пак, текстот на законот за истополови партнерства е веќе подготвен и се очекува дека наскоро ќе се најде пред пратениците во народното собрание.