Премини на содржината

Митови за ЛГБТИ наспроти реалноста

Подолу се дадени некои од најчестите митови за ЛГБТИ луѓето што ги подриваат нивните права. Во овој текст ќе се осврнеме на нив и понудиме одговори од аспект на човекови права. Парламентарците треба да ја користат секоја можност во парламентот и во нивниот секојдневен живот да ги почитуваат и поддржуваат човековите права на сите луѓе, вклучително и на ЛГБТИ луѓето – посочуваат од „Парламентарци за глобална акција“.

Мит: Хомосексуалноста е „западен феномен“.

Реалност: Тврдењата дека истополовата привлечност е западна практика е неточна. ЛГБТИ луѓето постојат насекаде, во сите земји, помеѓу сите етнички групи, на сите социо-економски нивоа и во сите заедници, и тоа многу долго време.

Она што е точно е дека многу од кривичните закони што продолжуваат да се користат денес за да ги казнат ЛГБТИ луѓето во многу земји се од западно потекло и се наследство од колонијалните сили од 19-тиот век. Тоа и натаму е случај, иако многу поранешни колонијални сили веќе ги немаат истите дискриминаторни закони. Многу ги имаат заменето со закони што промовираат еднаквост.

Мит: Лишувањето на ЛГБТИ луѓето од нивните човекови права може да се оправда врз основа на религија, култура или традиција.

Реалност: Дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет никогаш не може да се оправда по која било основа. Човековите права се универзални: на секое човечко битие му припаѓаат истите права, без разлика кои се или каде живеат. Историјата, културата и религијата се многу важни, но сите држави, без оглед на нивните политички, економски или културни системи, имаат правна обврска да ги промовираат и заштитат човековите права на сите. Ова ги вклучува правата на сите ЛГБТИ луѓе.

Верската слобода значи право да имаме наши уверувања, но не ни дава за право да ги наметнуваме нашите погледи на другите, вклучително преку дискриминација или нанесувајќи им штета на друг начин.

Мит: ЛГБТИ луѓето се „ненормални“, тие се креација на модерното доба; нивниот идентитет е „тренд“.

Реалност: Сексуалната ориентација и родовиот идентитет не се „актуелни трендови“. Скоро секоја земја има забележана историја на луѓе чии идентитети и однесувања се многу слични на она што денес го нарекуваме хетеросексуалност, бисексуалност, хомосексуалност и трансродов идентитет.

Мит: ЛГБТИ луѓето бараат „посебни права“.

Реалност: Ова не е точно. Не се бараат посебни права од страна на или за ЛГБТИ луѓето. Тие имаат право да ги уживаат истите човекови права и фундаментални слободи на кои има право секое човечко битие. За жал, овие права и слободи им се ускратени на милиони луѓе ширум светот само поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет. Токму затоа има потреба да се фокусираме на ставање крај на дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и да обезбедиме вклучување на сите ЛГБТИ луѓе во развојот.

Мит: Криминализирањето на хомосексуалноста е добра идеја.

Реалност: Криминализирањето на приватните сексуални односи меѓу две согласни возрасни единки, без разлика дали односите се хомосексуални или хетеросексуални, е повреда на правото на приватност, е дискриминаторно по природа и го прекршува меѓународното право за човекови права. Кога се спроведуваат, овие закони го прекршуваат правото на слобода од произволно апсење и притвор. Криминализацијата служи за да се оправдаат непријателските ставови кон ЛГБТИ луѓето и поттикнува практики на насилство, дискриминација, изнуда и уцена. Спроведувањето на овие закони чини многу пари, а не носи никаква општествена вредност.

Мит: Со укинувањето на законите кои ја криминализираат истополовата активност, ние „промовираме хомосексуалност“.

Реалност: Промовирањето еднакви права за лезбијките, геј мажите и бисексуалните луѓе не е „промовирање хомосексуалност“ – тоа е промовирање на истите фундаментални човекови права за сите. Тоа се темелните вредности до кои имаат обврска да се придржуваат сите земји-членки на Обединетите нации.

Мит: Парламентарците треба да го следат јавното мислење кога постои огромна јавна поддршка за казнени закони против лезбијките, геј мажите, бисексуалните и трансродовите луѓе.

Реалност: Парламентарците имаат одговорност да ги унапредуваат човековите права и вклучувањето на сите луѓе, без оглед колку непопуларно е ова гледиште.

Негативните јавни ставови никогаш не можат да се користат за да се оправдаат прекршувањата на човековите права, вклучително и казнените закони и полициското вознемирување и бруталност кон лезбијките, геј мажите, бисексуалните и трансродовите луѓе, како што не можат да се користат за да се оправдаат сексистичките, расистичките, ксенофобичните, секташките и другите дискриминаторни акти или политики.

Кога постојат дискриминаторни ставови кон одредени групи, одговорност е на парламентарците и другите да работат на надминување на таквите дискриминаторни ставови преку јавна едукација, подигнување на свесноста и други мерки.

Мит: Во меѓународните инструменти за човекови права нема ништо за ЛГБТИ луѓето, така што тие не се применуваат.

Реалност: Напротив, меѓународното право за човекови права важи за секој човек. Меѓународното право за човекови права воспоставува правни обврски за државите да се погрижат сите луѓе, без разликување, да бидат во можност да ги уживаат нивните човекови права. Сексуалната ориентација и родовиот идентитет на едно лице е статус, како што е расата, полот, бојата на кожата и религијата.

Многу тела за заштита на човековите права, механизми за човекови права, специјални процедури, препораки на Советот за човекови права на Обединетите нации, резолуции и извештаи на Обединетите нации, во повеќе наврати потврдија дека ЛГБТИ луѓето имаат право на истите човекови права како хетеросексуалните и цисродовите луѓе и дека дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет го прекршува меѓународното право за човекови права.

Мит: Кога нашата национална легислатива не е во согласност со нормите и стандардите за човекови права, не можеме многу да направиме во врска со тоа.

Реалност: Понекогаш одредбите од националните закони и политики може да бидат во конфликт со фундаменталните права содржани во меѓународното право – било да се работи за човековите права на ЛГБТИ луѓето или во врска со други групи или специфични стандарди за човекови права.

Сите држави имаат должност да ги прегледаат и реформираат националната легислатива и политиките во склад со меѓународните стандарди за човекови права, вклучително и во однос на обврските од договорите за човекови права. Парламентот има одговорност за донесување закони и затоа, исто така, мора да се погрижи националното законодавство да биде усогласено со меѓународните обврски за човекови права.

Мит: Постојат посериозни проблеми за парламентарците да се фокусираат наместо на правата на ЛГБТИ луѓето - како образованието, здравството и безбедноста.

Реалност: Ова е вообичаена тактика да се оттргне вниманието од и да се минимизираат или игнорираат одговорностите на државата да ги почитува, заштитува и исполнува правата на ЛГБТИ луѓето.

Човековите права на ЛГБТИ луѓето, како и на сите луѓе, бараат сериозно и посветено внимание. ЛГБТИ луѓето се често оние за кои постои поголема веројатност да им се оневозможи еднаков пристап до образование, здравство и безбедност. Заштитувањето, почитувањето и исполнувањето на правата на ЛГБТИ луѓето на ниеден начин не го спречува, попречува или одложува решавањето на какви било други прашања.

Мит: Хомосексуалноста е болест или здравствен проблем.

Реалност: Пред повеќе од 30 години, Светската здравствена организација експлицитно појасни дека хомосексуалноста не е ниту нарушување ниту болест и нагласи дека хомосексуалноста е природна и непатолошка варијација на човечката сексуалност.

Мит: Можеме да ги промениме сексуалната ориентација и родовиот идентитет на едно лице.

Реалност: Светската здравствена организација јасно стави на знаење дека сексуалната ориентација не може да биде променета. Обидите за насилна промена на сексуалната ориентација на лезбијките, геј мажите и бисексуалните луѓе се неефикасни, штетни и може да се сметаат за тортура.

Мит: Сите ЛГБТИ луѓе имаат ХИВ/СИДА.

Реалност: Ова очигледно не е точно. ХИВ/СИДА ги погодува и хетеросексуалните, и цисродовите и ЛГБТИ луѓето, и мажите и жените, во различен степен во зависност од карактеристиките на епидемијата. Во некои региони на светот, тоа е примарен проблем меѓу хетеросексуалната популација.

Но, она што е точно, е дека стигмата, дискриминацијата и исклучувањето на ЛГБТИ луѓето доведува до недостиг на пристап до информации за ХИВ и безбедни сексуални практики, превенција, тестирање, третман, нега и поддршка. Ова ги става ЛГБТИ луѓето (и особено трансродовите жени) во поголем ризик од заразување со ХИВ. Намалувањето на стигмата, елиминирањето на дискриминацијата и исклученоста и, следствено, зголемувањето на пристапот до услуги, е вистинскиот начин за справување со епидемијата на ХИВ за сите луѓе, без оглед на нивната сексуална ориентација или родов идентитет.

Мит: Да се биде во опкружување на ЛГБТИ луѓе или да се има пристап до информации за хомосексуалност ја загрозува благосостојбата на децата.

Реалност: Ова е мит. Учењето за или поминувањето време со луѓе кои се ЛГБТИ не влијае врз сексуалната ориентација или родовиот идентитет на малолетниците ниту, пак, штети на нивната благосостојба.

Мит: Лезбијките, геј мажите, бисексуалните и трансродовите луѓе се „опасни за децата“.

Реалност: Не. Не постои никаква врска меѓу бидувањето лезбијка, геј маж, бисексуално или трансродово лице и злоупотребата на деца. Доказите покажуваат дека ЛГБТИ луѓето ширум светот, исто како и хетеросексуалните и цисродовите луѓе, се добри родители, наставници и примери за младите. Прикажувањето на лезбијките, геј мажите, бисексуалните и трансродовите луѓе како педофили или како опасни за децата е погрешно и навредливо. Тоа го одвлекува вниманието од потребата за сериозни и соодветни мерки за заштита на сите деца, вклучително и оние што ја спознаваат нивната сексуална ориентација и родов идентитет. Сите форми на сексуална злоупотреба, вклучително и врз деца, треба да се превенираат и казнуваат кога ќе се случат, без оглед кои се сторителите.