По повеќегодишна борба за рамноправност на ЛГБТИ+ заедницата во регионот, Белград овој септември ќе биде домаќин на EuroPride. Ова претставува голема пресвртница за ЛГБТИ+ заедницата во целиот регион која ќе означи почеток на нова ера.
EuroPride 2022 ќе се одржи во Белград од 12 до 18 септември 2022 година. Српската престолнина ќе биде првиот град во југоисточна Европа и првиот вон Европската економска зона во улога на домаќин на ваков голем настан за паневропската ЛГБТИ+ заедница.
ЛГБТИ+ заедницата во Западен Балкан се соочува со очигледна нееднаквост и дискриминација. EuroPride во Белград е пресвртница во регионот која јасно ги покажува напорите на ЛГБТИ+ активистите кон остварување на рамноправност и ги оснажува активистите да ја продолжат својата борба. EuroPride во Белград ќе биде прилика луѓето од Европа да покажат солидарност со ЛГБТИ+ заедницата од Западен Балкан и да оддадат признание на нивната долготрајна борба за еднаквост, толеранција и човекови права која започна пред две децении со првиот Прајд во Белград одржан во 2001 година.
Иако во последните неколку години е постигнат видлив напредок, дискриминацијата на ЛГБТИ+ заедницата во регионот и натаму е широко распространета. Владите ширум регионот со години ги игнорираат барањата на активистите и членовите на заедницата за еднакви права за ЛГБТИ+ луѓето. EuroPride ќе ѝ помогне на ЛГБТИ+ заедницата во регионот да изврши дополнителен притисок врз владите да ги имплементираат веќе постојните закони кои ги штитат ЛГБТИ+ правата и да усвојат нови закони, особено во врска со правниот статус на истополовите партнерства – се вели во соопштението.
Според организаторите, EuroPride во Белград означува важен чекор на патот кон постигнување рамноправност за ЛГБТИ+ заедницата во Западен Балкан, обезбедувајќи им ја потребната енергија на активистите и заедницата за долгиот пат што им претстои.