Како одговор на полициската рација и бруталност што се случиле во раните утрински часови на 28-ми јуни 1969 година во геј-барот „Стоунвол Ин“ во Гринич Вилиџ во Њујорк, започнуваат низа спонтани демонстрации на ЛГБТ+ луѓето познати како Стоунволски немири или Стоунволски бунт. Овој настан често се наведува како прв случај на побуна на припадниците на ЛГБТ+ заедницата во американската историја против системскиот прогон на сексуалните малцинства што го предводела американската влада. Стоунволскиот бунт се смета за почеток на ЛГБТ-движењето во Соединетите Американски Држави и светот.
Една година подоцна, во 1970-та, на 28-ми јуни во Њујорк, од страна на бисексуалната активистка Бренда Хауард, бил организиран првиот настан на гордоста (или прајд настан, од англ. „прајд“ што значи гордост). Првиот марш наречен Марш на денот на ослободувањето на улицата „Кристофер“ (што е името на улицата каде се наоѓа „Стоунвол Ин“) во себе имал елементи на прослава и на протест. Хауард организирала уште еден настан следната година, во 1971-ва, а наскоро потоа биле воспоставени паради на гордоста низ целиот свет.
Во Скопје, пак, првата Парада на гордоста се случи во 2019-та, а годинава на 25 јуни ќе се одржи по трет пат. Скопје Прајд е настан од и за ЛГБТ+ заедницата, но и за сите поддржувачи на борбата за еднаков третман на сите луѓе. Прајдот е протест, но и прослава, на која се реафирмираат надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество.