Премини на содржината

Истополовите парови во Хрватска сега можат да посвојуваат деца, пресече Вишиот управен суд

Истополовите партнери во Хрватска можат заедно да пристапат кон проценка за посвоители и не смеат да бидат дискриминирани врз основа на нивната сексуална ориентација.

Тоа е резултат на пресудата на Вишиот управен суд на Република Хрватска со која беше одбиена жалбата на надлежното министерство на пресудата на Управниот суд во Загреб од април 2021 година, со која на животните партнери Младен Козиќ и Иво Шегота требаше да им биде овозможен пристап до постапката за проценка за посвојување.

Козиќ и Шегота се пријавиле во центар за социјални грижи пред шест години со желба да станат згрижувачи и посвоители. Нивните барања уредно се примени, но потоа во двете постапки биле одбиени само затоа што се во животно партнерство. После долга правна битка, во 2020 година успешно станале згрижувачи на две деца.

Првостепениот управен суд минатата година донесе пресуда дека можат да станат и посвоители, а сега конечно, по неуспешната жалба на министерството, пресудата на Вишиот управен суд ги отстрани сите сомнежи, пренесува хрватскиот портал Crol.hr.

Без борба ова немаше да биде можно

Шегота и Козиќ не го кријат нивното задоволство од пресудата на Вишиот управен суд.

„Нашата приказна со посвојувањето почна во 2016 година, кога системот нѐ одби бидејќи сме истополова двојка во животно партнерство. Судската одисеја траеше шест години. Нашите шест години не се ништо наспроти шест години од животот на децата кои уште тогаш можевме да ги посвоиме. Деца кои немале животни шанси какви што сме имале ние во нашето растење. Шесте изгубени години на тие деца одат на душа на политиката која во име на одбрана на т.н. традиционални вредности беше спремна да го гази правото на семејство на децата што се заборавени од општеството“, порачуваат тие.

„Последните две години нашето семејство дише и живее за двете деца што ги згриживме. Нивните искуства во градинка, училиште, фудбал, таеквондо, роденденски прослави со нови пријатели, патувања, излети, заедничко подготвување храна, градинарство во нашата градина, грижа за нашите кучиња и мачки, неизбежното читање приказни за лека ноќ… Ништо од ова немаше да биде ако не се осудевме да се бориме со ветерници. Наша голема желба е да ги посвоиме децата за кои се грижиме деноноќно последниве две години. Од среќа за првата петка на училиште или првиот велосипед до непреспиени ноќи поради температура, од смеа до солзи, живееме заедно и едни на други сме си сѐ на светот. Ако тоа не е семејство, тогаш не знаеме што е семејство“, додаваат Иво и Младен.

Оваа пресуда има далекусежни последици за правата на ЛГБТ+ луѓето и истополовите двојки во Република Хрватска, бидејќи според неа животните партнери во Хрватска практично се изедначени по правата како и брачните другари. Судот ја одби аргументацијата на министерството дека истополовите двојки не би смееле да пристапуваат кон проценка за посвоители заради „заштита на интересите на детето“.

Потврдено она што требаше одамна – правото на семеен живот

Имено, бидејќи при самата проценка не постои дете што би требало да се заштити, туку евентуално само откако Центарот за социјални грижи ќе даде позитивно мислење, посвоителите можат да пристапат кон посвојување на дете – за кое повторно Центарот одлучува дали е во негов најдобар интерес да биде посвоено од истополова двојка.

Пресудата во повеќе наврати ги споменува претходните пресуди на Европскиот суд за човекови права со кои се гарантира заштитата на семејниот живот на истополовите двојки и примената на Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.

„Оваа пресуда е од неизмерно симболично значење за сите ЛГБТ+ луѓе во Хрватска. Се потврдува нашето право на семеен живот, како и дека нечија сексуална ориентација не може да биде основа за дискриминација. Многу сме горди на нашите членови Иво и Младен, а нивната упорност и борба со системот го промени нашето општество и влева надеж, особено кај младите ЛГБТ+ луѓе во Хрватска, дека системот може да се менува и дека утре може да биде подобро. Оваа пресуда има многу други импликации за ЛГБТ+ луѓето во Хрватска и нивните семејства, но за тоа друг пат. Нашето тежнеење за рамноправност не е готово, но ова е огромен чекор напред. Ги повикуваме сите истополови двојки кои се заинтересирани за посвојување и сакаат да дознаат повеќе информации, слободно да ни се јават“, вели Даниел Мартиновиќ, претставник од здружението „Виножитни семејства“.

Пресудата на Вишиот управен суд го менува системот за проценка за посвоители и им отвора врата на сите истополови двојки во Хрватска кои ќе се одлучат да основаат семејство по пат на посвојување, со што се остварува траен однос родител-дете.