Премини на содржината

Смртните закани кон Беким Асани продолжуваат, ЛГБТИ ЈУНАЈТЕД под клуч од безбедносни причини

По повеќе од две недели од физичкиот напад врз Беким Асани, претседателот на здружението ЛГБТИ ЈУНАЈТЕД од Тетово, смртните закани и повиците за линч кон него не стивнуваат. И додека полицијата сѐ уште трага по сторителот на нападот, на социјалните мрежи се споделува хомофобичен говор на омраза и отворени закани по физичкиот интегритет и животот на Асани. Освен телесните повреди со кои се здоби порано месецов, Асани се наоѓа под огромен притисок поради континуираните повици за насилство кон него кои неретко се остваруваат, што негативно се одразува врз неговото ментално здравје.

Вработените во организацијата исто така се чувствуваат несигурно и стравуваат за својата, но и за безбедноста на посетителите на канцеларијата, па од тие причини беше одлучено истата привремено да се затвори додека не се создадат услови за работа.

Уште еднаш апелираме до надлежните органи да ги преземат сите неопходни активности за расчистување на случајот и задоволување на правдата, како и итно да се осврнат на заканите по живот кон Асани и да спречат нивно материјализирање.