Европскиот парламент минатата недела го дебатираше и изгласа извештајот за Северна Македонија за 2021 година. Текстот на резолуцијата на Европскиот парламент од 19 мај 2022 година за извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2021 година, меѓу другото, содржи точки кои се однесуваат на човековите права на ЛГБТИ луѓето.
Во извештајот се повторува јасната поддршка за посветеноста на Северна Македонија на демократијата и владеењето на правото, поткрепена со нејзината стратешка проевропска ориентација, непоколеблива посветеност на европските вредности, реформите поврзани со ЕУ и процесот на интеграција во ЕУ, како и добрососедските односи и инклузивната регионална соработка. Извештајот исто така изразува жалење за потфрлањето на Советот официјално да ги отвори одамна задоцнетите пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Што се однесува до правата на ЛГБТИК луѓето, се споменува следното:
- (Европскиот парламент) ги повикува надлежните органи проактивно да го спречуваат говорот на омраза и систематски да ги гонат сите случаи на говор на омраза, злосторства од омраза и заплашување, темелно да ги истражат поврзаните напади и да ја гарантираат сигурноста и заштитата на метите на тие напади, како што се новинари и луѓе што припаѓаат на малцински и други ранливи заедници; повторно упатува повик до надлежните органи да ги подобрат институционалните капацитети за спречување и борба против говорот на омраза, злосторствата од омраза и дискриминацијата по која било основа во согласност со меѓународните стандарди;
- (Европскиот парламент) ги повикува сите политички актери да ги запрат и осудат говорот на омраза, кампањите за оцрнување и вознемирување на независните граѓански организации и ги повикува надлежните органи да применат пристап на нула толеранција кон заплашување, закани и насилство врз новинарите и бранителите на човековите права, како и да се погрижат сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата;
- (Европскиот парламент) изразува загриженост поради големиот пораст на дезинформации и дискриминаторски говор против припадниците на ЛГБТИ заедницата и бранителите на човековите права во медиумскиот и политичкиот дискурс; го осудува вознемирувањето, говорот на омраза, злосторствата од омраза и смртните закани со кои се соочуваат луѓето од ЛГБТИ заедницата и бранителите на нивните права и повикува на спроведување сеопфатни истраги и санкционирање на таквите инциденти;
За потсетување, неодамна објавената овогодишна виножитна мапа на ИЛГА-Европа, која ги рангира правната и политичката ситуација на ЛГБТИ луѓето во 49 европски земји, нотираше комплетна стагнација на ЛГБТИ правата во Северна Македонија во изминатата 2021 година.