Премини на содржината

17 мај – Меѓународен ден против хомофобија, трансфобија и бифобија

По повод 17 Мај – Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија, Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ лицата искажува поддршка за ЛГБТИ луѓето, почитување на нивните права како човекови права и заштита од дискриминација, говор на омраза и насилство.

Во изминатиот период беа постигнати значајни исчекори во насока на унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето. Од особена важност е усвојувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, во кој сексуалната ориентација и родовиот идентитет експлицитно се наведени како основи за дискриминација, формирањето професионална Комисија за спречување и заштита од дискриминација, како и одржувањето на двете Паради на гордоста.

Но, стигматизацијата, дискриминацијата, говорот на омраза и насилството врз ЛГБТИ луѓето, остануваат предизвик за македонското општество. Особено загрижува присутниот говор на омраза и насилство врз ЛГБТИ луѓето, како неодамнешниот физички напад врз претседателот на граѓанското здружение „ЛГБТИ Јунајтед“, Беким Асани. Се упатува апел до надлежните институции да обезбедат ефикасна и ефективна истрага и санкционирање на сторителите, во овој и сите други случаи на говор и дела од омраза. Тоа ќе испрати јасна порака за нула толеранција кон говорот на омраза, насилството и дискриминацијата врз ЛГБТИ луѓето.

Имајќи ја предвид дискриминацијата со која се соочуваат трансродовите луѓе, како и пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот „Икс“, останува обврската преку измени на Законот за матична евиденција да обезбедиме брза, транспарентна и лесно пристапна постапка за правно признавање на родот, врз основа на самоопределување.

Извор: Собрание на Република Северна Македонија