Пред точно 10 години, на 16 мај 2012 година, беше формирано Здружението ЛГБТИ ЈУНАЈТЕД Тетово. Пет млади ЛГБТИ лица, кои дотогаш секојдневно живееја навигирајќи низ предизвиците и проблемите наметнати од нивното хетеронормативно опкружување и трпејќи ги последиците на хроничната хомофобија, бифобија и трансфобија на конзервативното општество, тргнувајќи од потребата да се заземат за себе и за своите права и јавно да го артикулираат нивното незадоволство и да побараат промена на неподносливиот статус кво, решија да ги здружат силите и да основаат граѓанска организација што ќе биде гласот на безгласните и обесправените ЛГБТИ луѓе и ќе се застапува за унапредување на нивната позиција и пристапот до човековите права.
Почетоците на ЛГБТИ ЈУНАЈТЕД не беа нималку лесни: без работен простор и без ресурси, но со многу желба и страст за акција. Промената ја започнавме со искажување на револтот, ставајќи им на знаење на хомофобите дека сме тука и дека постоиме. По две години уследи отворањето на нашата канцеларија во Тетово. Но, сакавме тоа да биде повеќе од канцеларија, сакавме да создадеме безбеден простор каде ЛГБТИ луѓето од Тетово и околината ќе може да дојдат и да се чувствуваат сигурни и слободни да бидат свои и автентични и да ја комуницираат својата сексуална ориентација или родов идентитет. И, така се роди и Дневниот центар на ЛГБТИ заедницата кој функционира и ден денес.
Изминатите десет години ЛГБТИ ЈУНАЈТЕД се развиваше и растеше заедно со ЛГБТИ заедницата во Северна Македонија. Заедно минувавме низ подеми и падови, се смеевме и плачевме. Заедно добивме многу битки, но борбата за еднаквост продолжува.
Денес одбележуваме десет години од нашето постоење. И, во таа чест, имавме намера да организираме голема забава на која ќе ве поканиме сите заеднички да го прославиме овој за нас значаен јубилеј. За жал, поради одредени околности, тоа не беше можно да се случи денес и го одложивме за наредниот месец, за што ќе бидете навремено информирани.
Упатуваме огромна благодарност до сите наши поддржувачи, но пред сѐ до ЛГБТИ заедницата која е во фокусот на нашата работа и безрезервно ни дава ветер во грбот за да опстоиме во борбата за подобро утре во кое сите ќе бидеме слободни и еднакви.