Премини на содржината

Во едни земји напредок, во други назадување, во Северна Македонија стагнација на ЛГБТИ правата – открива Виножитната мапа

Иако демократијата во Европа е под растечки притисок и се соочува со исклучителни предизвици, овогодишната виножитна мапа на ИЛГА-Европа која се однесува на настаните од 2021 година идентификува исчекори во ЛГБТИ правата во неколку земји.

Виножитната мапа, која ги рангира правната и политичката ситуација на ЛГБТИ луѓето во 49 европски земји, открива дека во изминатите 12 месеци дошло до нова динамика што ги пополнува празнините што постоеја околу ЛГБТИ правата и ги поместува стандардите, давајќи им на владите терен врз кој можат да го градат напредокот.

Но, од друга страна, некои земји што порано беа лидери во поглед на ЛГБТИ правата сега бележат пад на скалата, додека други се во опасност да го следат преседанот на земји каде ЛГБТИ правата се инструментализираат за политички цели.

Виножитната мапа што од 2009 година се објавува секој мај, а по повод Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата, бифобијата и интерсексфобијата (IDAHOBIT), ги рангира сите 49 земји на скала помеѓу 0% (грубо кршење на човековите права, дискриминација) и 100% (почитување на човековите права, целосна еднаквост). Овогодишните наоди се добредојден контраст наспроти оние од минатогодишната мапа, која идентификуваше комплетна стагнација на ЛГБТИ правата и еднаквоста ширум Европа.

И покрај новата динамика што се отсликува со позитивни поместувања, ситуацијата останува кревка. Загрижува интензивирањето на непријателскиот политички дискурс, законодавната стагнација, а во некои земји и повлекување на ЛГБТИ правата и слободите.

Северна Македонија со само 27%, како и минатата година, бележи стагнација. Нема консензус меѓу коалициските партнери во Владата за носење на Националниот акциски план за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата 2021-2025 што требаше да се донесе до крајот на 2020 година, а во рамките на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за матичната евиденција со кој требаше да се овозможи правно признавање на родот за трансродовите лица беше повлечен од Владата од собраниска процедура. Полицијата, јавното обвинителство и судството во повеќето случаи потфрлаат во препознавањето, гонењето и санкционирањето на говорот на омраза и делата од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Негативните дискриминирачки ставови кон ЛГБТИ луѓето остануваат присутни во реториката на политичарите и политичките партии.

„Човековите права и еднаквоста на ЛГБТИ луѓето се обележје на едно демократско општество каде човековите права и слободи на сите граѓани целосно се почитуваат и поддржуваат. Скорашната историја нѐ научи дека еден од првите чекори кон ерозија на демократијата е официјалното жртвување на ЛГБТИ луѓето и поткопувањето на нивните човекови права. Тоа во суштина е акт на таргетирање на ранливо малцинство за поткопување на пошироката слобода. Како ИЛГА-Европа со години предупредувавме на тоа, а неодамнешните настани во Европа докажуваат дека не можеме да бидеме рамнодушни кога политичкото таргетирање на малцинства се користи од антидемократските сили. Противотров за рамнодушноста е акција. Во овој момент, императив е активно да ја унапредуваме еднаквоста преку креирање на уште поцврсти политики и практики за да се осигураме дека нашите општества се навистина правични, инклузивни и со почит за сите“, порача во соопштението извршната директорка на ИЛГА-Европа, Евелин Паради.