Во саботата, на 7 мај 2022 г., во попладневните часови беше физички нападнат претседателот на „ЛГБТИ Јунајтед“, Беким Асани. Нападот се случил на градските гробишта во Тетово каде што Беким со својата 70-годишна мајка биле на посета на гробот на неговиот татко.
Четири машки лица на возраст од 20 до 40 години кои седеле на клупа му дофрлувале на Беким „педер“, „неверник“, „многу зборуваш со устата“, „ќе гориш во пеколот“.

Кога Беким и неговата мајка тргнале да си одат од гробиштата, еден од нив го нападнал со бокс во лицето, по што Беким паднал на земја, а напаѓачот продолжил да го удира со клоци во пределот на стомакот и нозете упатувајќи му ги зборовите „педер гнасен“.
Сето ова се случило пред очите на мајката на Беким. Беким и мајка му се потресени од нападот, а под стрес се и вработените во невладината организација „ЛГБТИ Јунајтед“.
Случајот е пријавен во полиција. Беким добил медицинска помош во Клиничкиот центар во Тетово, препишана му е терапија и пуштен е на домашно лекување.
Апелираме до органите на прогонот без одложување да преземат конкретна акција за пронаоѓање на сторителите и нивно изведување пред лицето на правдата. Кривичните дела сторени од омраза и говорот на омраза кон припадници на ЛГБТ+ заедницата мора соодветно да се евидентираат и процесираат преку кривично-правниот систем.