Во рамките на стратешкиот план и годишната програма за работа на Здружението ЛГБТ Јунајтед Тетово, објавуваме повик за пријавување на заинтересирани кандидат(к)и, постојни и надежни активист(к)и од ЛГБТ+ заедницата во Република Северна Македонија, што се проактивни и имаат потреба од стекнување на лидерски вештини заради нивното натамошно дејствување, организирање и работа со заедницата, за учество во серија обуки и работилници што ќе се одржат во текот на 2022/2023 година во областите развој на лидер(к)и и градење, мобилизација и ангажирање на заедницата.
Развојот на виножитни лидер(к)и има за цел да изгради нова генерација на ЛГБТ+ лидер(к)и. Се состои од градење на капацитетите на постојното и идното лидерство на ЛГБТ Јунајтед во Полог, како и во Пелагонија, југоисточните и југозападните региони. Предвидена е програма за обука на 15 потенцијални ЛГБТ+ лидер(к)и и активист(к)и од целните региони.
Првиот чекор се состои од дводневна програма за обука „Прилагодливо лидерство“ според методологијата на „Harvard Kennedy School“. Вториот чекор се состои од тридневна програма за обука што се надоврзува на пристапот „Колективно лидерство“ на Цивика Мобилитас и што се темели на методологијата „Работење заедно како еден“ развиена од „Deloitte“. Третиот чекор се состои од петдневна програма за обука за „Инклузивно лидерство“ што во фокусот има намалување на сиромаштијата и социјална инклузија, а се вклопува во личните патешествија на ЛГБТ+ лидер(к)ите поврзани со нивното лидерско дејствување што поттикнува трансформативни промени во рамките на нивните семејства, пријатели, организации, заедници и општества.
Градењето, мобилизацијата и ангажирањето на заедницата има за цел да ги стави ЛГБТ+ лидер(к)ите на тест за примена на нивните стекнати лидерски вештини во пракса. Оваа програма се состои од 3 фази. Програмата дополнително ќе ги зајакне ЛГБТ+ лидер(к)ите обучени во рамките на програмата во три чекори насловена „Развој на виножитни лидер(к)и“.
Првиот чекор ќе ги зајакне овие лидер(к)и преку краткорочна обука за стекнување практични вештини за тоа како да се развиваат локалните движења преку акции, кампањи и ангажирање на локалната заедница преку вклучување, учество, членство и волонтирање. Обуката се надоврзува на инспиративните примери од ЛГБТ+ историјата ширум светот, во Европа, во регионот и во Северна Македонија. По обуката лидер(к)ите ќе го пренесат наученото во нивните заедници преку мали работилници со ЛГБТ+ луѓе и нивните поддржувачи. Вториот чекор се содржи од посети за размена меѓу нашите здруженија и други ЛГБТ+ организации или организации-поддржувачи за учење како тие се справуваат со слични контексти и како ги надминале сличните препреки со кои лидер(к)ите се соочуваат дома. По посетите, лидер(к)ите ќе ги повторат локалните работилници. Третиот чекор ќе ги собере сите лидер(к)и и нивните фасилитатори на тридневен завршен настан за изработка на упатство за градење, мобилизација и ангажирање на ЛГБТ+ заедницата што ги документира нивните научени лекции и методи, кое ЛГБТ Јунајтед и локалните партнери ќе го објават на неколку јазици.
Дополнителни подетални информации во врска со активностите од овој повик ќе бидат благовремено споделувани директно со избраните учесници.
Кандидат(к)ите треба да ги исполнуваат следните услови:
- да имаат навршено 18 години, односно да се полнолетни
- да живеат и дејствуваат во гореспоменатите региони
- да се подготвени да ги применат и пренесат стекнатите знаења
- да се подготвени да ги проследат сите предвидени обуки и работилници во рамките на овој повик во текот на 2022 и 2023 година
ЛГБТ Јунајтед ќе ги покрие патните трошоци и трошоците за сместување и храна на селектираните учесници на обуките и работилниците од повикот.
За да го изразите Вашиот интерес за учество на обуките и работилниците за развој на ЛГБТ+ лидер(к)и и градење, мобилизација и ангажирање на ЛГБТ+ заедницата, заинтересираните кандидат(к)и треба да ни испратат на кратко мотивациско писмо, не подолго од 1 (една) страница, и следните информации за себе: име и презиме, град на живеење, телефонски број и е-пошта на кои можеме да Ве контактираме за да Ве известиме за статусот на Вашата пријава и, доколку сте селектирани за учество, заради потребите на натамошните комуникации со Вас во врска со активностите. Пријавувањето на повикот ќе биде отворено заклучно со 21 март 2022 година.
Со поднесувањето пријава за овој повик на нашата е-пошта, Вие потврдувате дека личните податоци што сте ни ги испратиле во Вашата пријава се веродостојни и дека сте полнолетно лице односно имате 18+ години и, исто така, изречно се согласувате Вашите лични податоци да бидат обработени од страна на тимот на ЛГБТ Јунајтед заради остварување на контакт со Вас. Вашите лични податоци ќе бидат користени исклучиво за конкретната цел.
За сите евентуални прашања, пишете ни на нашата е-пошта и нашиот тим ќе се потруди да Ви одговори во најскоро можно време.